Во дебарската општа болница на Инфективното одделение хоспитализиран е само еден пациент поради ковид-19, што е најмала бројка откако е отворено ова одделение во ноември минатата година.
Тогаш беа хоспитализирани седум ковид паценти, а во одредени периоди, имаше речиси целосна исполнетост на капацитот, од 20 болнички легла. Директорот на болницата, Баки Алили, вели дека пациентот е на кислородна поддршка, но во стабилна состојба.
„Ова е првпат да имаме само еден пациент и се молам тој да го победи опасниот вирус и да нема други пациенти ниту кај нас, ниту во државата, да ја добиеме битката со невидливиот непријател, со кого војуваме од почетокот на март минатата година“,
изјави Алили, пренесе МИА.
Од вкупно 13 активни случаи на ковид-19 во Дебар, еден пациент е хоспитализиран во Скопје, а останатите се лекуваат во домашни услови.
„Официјалната статистика потврдува дека изминатите десет дена во општина Дебар и Центар Жупа регистрирани се само пет нови случаи, додека 35 лица се оздравени. Очекуваме резултати од 12 земени брисеви“,
информира Алили.
Од почетокот на пандемијата, во двете општини регистрирани се 799 позитивни случаи, активни на болеста се 13, а починале 35 лица.