За осум дена во близина на Штип се фатени вкупно 135 мигранти
Во близина на Штип утринава откриени се 17 мигранти. Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова, потврди дека мигрантите, кои нелегално се движеле во близина на Штип, се фатени од страна на полициските службеници на Регионалниот центар-Исток и се однесени во Прифатниот центар во Гевгелија.
Мигрантите утринава се забележани во неколку групи во близина на градските гробишта во Штип и во близина на регионалниот пат Штип-Радовиш.
Од СВР Штип посочуваат дека не се работи за случај на шверцување односно тие не се движеле со помош на шверцери.
Во рок од осум дена ова е трет случај на фатени мигранти во близина на Штип. Во првиот случај се фатени 40 мигранти, кај штипското село Лакавица, вториот случај беше на 1 март, кога полицијата и Регионалниот центар Исток во близина на штипската населба Три Чешми во камион фатија 78 мигранти, а двајцата шверцери беа лишени од слобода.
За осум дена во близина на Штип се фатени вкупно 135 мигранти.
Во саботата Алсат објави видео на кое се гледаат неколкумина мигранти како се движат покрај автопатот, во близина на граничниот премин Табановце, кои се поврзуваат со најновиот бран кој почна да го чувствува Грција по одлуката на Турција да им ги отвори границите кон европските земји.
Но, од МВР и од сите институции велат дека ситуацијата на државните граници е непроменета, а настаните во регионот постојано се следат. Притоа од МВР не се коментираа конкретната снимка.