Во пресрет на утрешниот протест, кој ќе биде на точно еден месец од масакрот во „Владислав Рибникар“, граѓаните што ќе излезат на улиците се повикуваат да носат цвет за да им оддадат почит на жртвите, но и да подготват пораки за шефот на државата Александар Вучиќ. Како говорници, пак, се очекува да бидат водителите и сатиричари Зоран Кесиќ и Иван Ивановиќ

Во Белград утре ќе се одржат нови протести „Србија против насилството“ кои ги организира дел од опозицијата, а кои започнаа по двете масовни убиства во белградското училиште „Владислав Рибникар“ и кај Младеновац.
Претставници на опозицијата, како што пренесува Н1 ТВ, денеска се сретнаа со пратеници од Европскиот парламент, Матијаж Немец и Владимир Бличик, кој е и известувач за Србија во ЕП.
На состанокот опозиционерите посочиле дека на улиците излегуваат огромен број граѓани кои бараат промена на ситуацијата во која се наоѓа општеството кое е преплавено со насилство, што се промовира на телевизии со национални фрекфенции, а им упатиле и покана утре да присуствуваат на новите демонстрации.
Пратеникот од Зелено-левиот фронт, Радомир Лазовиќ, пред новинарите изјавил дека Србија е соочена со сериозни поделби на општество кои ги предизвикува шефот на државата Александар Вучиќ на тој начин што го квалификува како непријател секој еден што ќе го поддржи протестот „Србија против насилството“.
Пратеникот посочи дека очекува Бличик и Немец утре да соопштат кои барања на граѓаните ги поддржуваат и да дадат став за ситуацијата во Србија.
Покрај за протестите, како што рече пратеничката од Партијата на слободата и правдата, Мариника Тепиќ, европратениците биле запознаени и со тоа како изгледаат седниците во српскиот парламент.
„Парламентот на Србија не е само бирократска институција како што можеби е во членките на ЕУ. Кај нас парламентот е дополнително место и генератор на говорот на омраза и прогон на неистомислениците“,
рече Тепиќ.
Инаку, на утрешниот протест, како што најави „Данас.рс“, говорници ќе бидат водителите и сатиричари Зоран Кесиќ и Иван Ивановиќ.
На прашање што му било мотив да прифати да биде говорник, Кесиќ рекол дека веројатно тоа е истиот како и на десетици илјади луѓе што протестираат на улиците.
„Сакам да излезам надвор и гласно да кажам што ми пречи и да се консултирам со соседите и сограѓаните како да го подобриме ова општество за децата да сакаат да ни останат во Србија“,
вели Кесиќ.
Сличен мотив има и Ивановиќ.
„Ситуацијата во земјава е и повеќе од критична, а барањата на граѓаните се оправдани. Дојде време сите кои се занимаваме со јавна професија да бидеме со својот народ“,
вели Ивановиќ.
Во пресрет на утрешниот протест, кој ќе биде на точно еден месец од масакрот во „Владислав Рибникар“, граѓаните што ќе излезат на улиците се повикуваат да носат цвет за да им оддадат почит на жртвите, но и да подготват пораки за шефот на државата Александар Вучиќ.