Српскиот претседател Александар Вучиќ пред десетина дена изјави дека ќе распише избори за 17 декември оваа година
Со блокада на централните градски улици во Белград, проевропската опозиција одржа нов, 25. протест „Србија против насилството“.
И овој протест започна пред Народното собрание, а потоа присутните, преку централните градски улици, вдолж т.н. медиумска рута, прошетаа до РТС и до Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ).
Пратеникот на Еколошкото востание Александар Јовановиќ-Ќута на протестот рече дека сè е кажано и дека е време за акција.
„Ова веќе не е време за зборови, време е за акција. Сите заедно на една страна на 17 декември да го собориме злото. Тука веќе не е прашање на политика, туку на основно човечко достоинство и храброст, дали сакаме да живееме како слободни луѓе или ќе го трпиме криминалниот режим на Александар Вучиќ“,
рече Јовановиќ.
На присутните им се обрати и пратеникот на Демократската странка (ДС), Срѓан Миливојевиќ, кој кажа дека проевропската опозиција останува посветена за една листа.
Покрај вонредни избори, на протестот остануваат и барањата за одземање на националните фреквенции на телевизиите Пинк и Хепи и затворање на таблоидите кои промовираат говор на омраза и насилство, како и смена на раководството на РТС.
Се бара и смена на членовите на Советот на регулаторното тело за електронски медиуми, како и министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ и директорот на безбедносно-информативната агенција (БИА) Александар Вулин.
Српскиот претседател Александар Вучиќ пред десетина дена изјави дека ќе распише избори за 17 декември оваа година.
Тоa, како што најави, мора да го направи најдоцна до 2 ноември.
Вучиќ додаде дека ќе има белградски, парламентарни и војводински избори.
На 11 септември претставниците на опозицијата, кои ги организираат протестите „Србија против насилството“, поднесоа барање со кое се бара од Вучиќ да распише вонредни парламентарни и избори во Белград до крајот на 2023 година.