Гарон сведочеше против Нетанјаху во врска со оптичката инфраструктура, комуникациската индустрија и телефонските услуги во Израел
Израелски медиуми објавија денеска дека двете лица кои загинаа во авионската несреќа во близина на грчкиот остров Самос се Хаим Гарон и неговата сопруга Ести. „Тајмс оф Израел“, наведува дека Хаим Гарон, кој беше заменик шеф на израелското Министерство за комуникации, е и сведок во случајот за корупција против поранешниот премиер Бенјамин Нетанјаху.
На Нетанјаху му се суди во три случаи за корупција познати како „Случај 1 000“, „Случај 2 000“ и „Случај 4 000“. Во „Случајот 4 000“, кој е најсериозен од трите, Нетанјаху е осомничен дека ги злоупотребил своите овластувања додека бил премиер и министер за комуникации од 2014 до 2017 година.
Во мај 2020 година, Гарон, правник по образование, зборуваше за радио „103 ФМ“ околу сведочењето што го даде на судењето против Нетанјаху и рече дека тоа е поврзано со развојот на оптичката инфраструктура, комуникациската индустрија и телефонските услуги во земјата. На прашањето дали некогаш бил сведок на каква било криминална активност во Министерството, Гарон одговори дека судот е единствениот што може да утврди дали нешто е криминално или не.
Во однос на несреќата во која загина Гарон, Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција соопшти дека приватниот авион „цесна Ц182“ со двајца патници полетал вчера од израелскиот град Хаифа, а според доставениот план за летање требало кусо по 20 часот да слета на аеродромот на Самос, но непосредно пред слетувањето се загубила комуникацијата со контролата на летање и веднаш бил информиран Центарот за истрага и спасување.
Надлежните органи започнале спасувачка акција во морскиот дел јужно од аеродромот на островот за пронаоѓање на авионот и патниците, а крајбрежната служба ги пронашла и извлекла двете безживотни тела.