Албанија од денеска воведува полициски час, како дел од напорите да се спречи ширењето на коронавирусот по наглото зголемување на случаите во изминатите неколку недели. Полицискиот час ќе биде во сила од 22 до 6 часот, а казната за непочитување изнесува 80 евра.
„Ограниченото движење почнува од денеска и ќе трае три недели што, сепак, зависи од епидемиолошката состојба со ковид-19. Од оваа одлука се изземаат само службите за итни потреби, односно секторите електродистрибуција, водовод, телекомуникации, противпожарните единици и медиумите“,
информираше Огерта Манастирлиу.
Од вечерва од 22 до 6 часот се затвораат и угостителските објекти освен оние кои имаат услуга за достава, додека јавната администрација, според спецификите на секторот, ќе работи главно онлајн или со ротација, со строго почитување на протоколите.
Најавувајќи ја одлуката за полициски час, претседателката на Комитетот на експерти за справувале со пандемијата и заменик-министерка за здравство и социјална заштита Мира Ракацоли рече дека на овој чекор се одлучиле по деталната анализа на состојбата со пандемијата и реализираните активности досега, како и искуството од други држави.
На 15 минатиот месец владата донесе одлука и за задолжително носење заштитна маска и на отворен простор, за што паричната казна изнесува 25 евра, а за секое повторено непочитување на мерката казната е 40 евра.
Инаку, вчера во Албанија беше регистриран нов негативен рекорд на новозаразени со ковид-19. Од направените 2 723 теста, позитивни на вирусот беа 563 или 21 отсто од тестираните, а починаа осум пациенти или досега вкупно 579.