Според вчерашните податоци на Министерството за здравство, во Албанија е регистриран само еден нов случај со ковид-19, од направени 1 960 теста, нема починати, активни се 87 случаи, а на болничко лекување се само двајца пациенти
И покрај стабилната епидемиолошка состојба со ковид-19, албанскиот Комитетот на експерти за справување со пандемијата не планира укинување на мерката за ограничено движење.
Скендер Братај, член на Комитетот и директор на Националниот ургентен центар во Тирана, коментирајќи го барањето на Здружението на угостители за ослободување од антиковид-мерките, рече дека мерките ќе продолжат да се релаксираат, но нема целосно да бидат укинати.
„Според одлуката на Комитетот, полицискиот час од први јули се скратува за еден час, односно наместо во 23 ќе почнува на полноќ и ќе трае како и досега до 6 часот. Во врска со барањето да се дозволи музика во угостителските објекти и по полноќ, а не како досега до 22 часот, тоа не е поврзано само со опасниот вирус, туку со фактот дека локалите се во станбени области и музиката станува вознемирувачка за жителите во тие области“,
вели тој и додава дека од први јули ќе се дозволи одржување културни активности со присутност од 30 отсто од капацитетите.
Властите стравуваат дека е можно делта-сојот да се појави во Албанија, поради фактот што нема никакви ограничувања за влез во земјата за странци, но и поради најавата за масовно доаѓање на иселениците, кои, по традиција, летниот одмор го минуваат во родниот крај.
Инаку, според вчерашните податоци на Министерството за здравство, во Албанија е регистриран само еден нов случај со ковид-19, од направени 1 960 теста, нема починати, активни се 87 случаи, а на болничко лекување се само двајца пациенти.