Некои медицински експерти, како што пренесува Би-би-си, ја осудуваат егзекуцијата со азотен гас предупредувајќи дека тоа може да предизвика низа катастрофални исходи, од насилни конвулзии до преживување во вегетативна состојба
Во американската сојузна држава Алабама вчера по првпат беше погубен осуденик со употреба на азотен гас, што властите на сојузната држава претходно го оценија како најбезболен и најхуман метод на егзекуција досега, пренесуваат светските медиуми.

Со ова, како што наведуваат новинските извештаи, е означен почетокот на сосема нов метод на егзекуција, за кој експертите предупредија дека може да предизвика прекумерна болка.
Педесет и осумгодишниот Кенет Смит, кој е погубен со новиот метод, е еден од двајцата мажи осудени во 1989 година за убиство на сопругата на свештеник во Алабама, која беше пронајдена избодена и претепана до смрт една година претходно.
Тој, како што наведуваат медиумите, е и еден ретките осуденици во САД кој двапати бил подложен на егзекуција. Имено, за време на обидот пред две години ( во 2022 година), Смит требало да биде погубен со смртоносна инјекција, но извршители не успеале да му ја погодат вената поради исеченици на раката.
Овој пат егзекуцијата била извршена синоќа во 20:25 часот по локално време, соопштија официјални лица. На прес-конференцијата по егзекуцијата, началникот на Одделот за затворски установи во Алабама, Џон Хам, изјави дека машината со азотен гас работела околу 15 минути.
Сведоците на настанот во заеднички извештај изјавиле дека Смит пред неговата смрт рекол:
„Вечерва, поради Алабама, човештвото направи чекор назад. Заминувам со љубов, мир и светлина, ви благодарам што ме поддржувате, ве сакам сите“.
Сведоците известуваат дека егзекуцијата траела околу 22 минути, а Смит останал свесен неколку минути.
Некои медицински експерти, како што пренесува Би-би-си, ја осудуваат егзекуцијата со азотен гас предупредувајќи дека тоа може да предизвика низа катастрофални исходи, од насилни конвулзии до преживување во вегетативна состојба.
Минатата недела Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации повика на запирање на егзекуциите велејќи дека тие може да се класифицираат како тортура или нечовечки и суров третман според меѓународните закони за човекови права. Алабама претходно на судењето рече дека Смит треба да ја изгуби свеста за неколку секунди и да умре за неколку минути.