Од ЈСП информираа дека измамата ја пријавиле во полиција
Лажна страница на Фејсбук, наречена „Транспортна карта на град Скопје“ на граѓаните им нуди можност до крајот на месецов да си купат картичка „Скопска“ и за тоа да добијат бесплатен превоз една година. Дека станува збор за измама потврдија и од ЈСП „Скопје“.
„Град Скопје започна кампања за подобрување на животната средина, охрабрувајќи ги жителите повеќе да користат јавен превоз! Скопска карта нуди бесплатен градски превоз за една година! Не одлагајте! Специјалната понуда важи до 31 август 2024“,
се вели во објавата која нуди можност за бесплатен превоз.
Страницата од граѓаните бара да остават лични податоци и да уплатат 122 денари за трошоци за испорака.
Од ЈСП информираа дека измамата ја пријавиле во полиција.
„ЈСП Скопје утврди лажна вест со која е фалсификувано логото на електронската картичка ‘Скопска’ објавено на социјалните мрежи од страна на група наречена ‘Транспортна карта на град Скопје’, која не е поврзана со ЈСП Скопје. Се работи за измама со лажен линк што краде податоци од платежните картички на граѓаните. Јавно сообраќајно претпријатие Скопје ја пријави измамата во МВР и очекува брзо постапување од надлежните за изнаоѓање на сторителите на измамата и очекува итно преземање на сите законски мерки за заштита на ЈСП“,
се наведува во соопштението на ЈСП.