Опозициската партија бара оставки и оценува дека не е возможна објективна истрага со учество на премиерот и министерот за здравство, додека од СДСМ возвраќаат дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ја поткопа истрагата
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвини премиерот Зоран Заев дека втор ден се крие од јавноста за трагедијата во Тетово, каде што загинаа 14 лица, во пожарот во модуларната ковид-болница.
„Дознавме дека моралната одговорност на Филипче ќе зависела од истрагата. Но Филипче треба да знае дека морална одговорност не се утврдува, туку треба да се чувствува. Во овие траорни моменти најважно е да се има јасна слика за истрагата и преземање на одговорноста“,
се наведува во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија велат дека не е возможна објективна истрага „кога Заев и Филипче ќе водат истрага за Заев и Филипче“. Затоа, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, тие треба да се повлечат и да поднесат оставка.
„Треба да се дадат одговори ако не е проблем изградбата на болницата, дали тогаш е проблем функционалноста и менаџирањето на истата. Зошто министерството на Филипче не може да го гарантира здравјето на граѓаните“,
се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, возвраќаат дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ја поткопа истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово.
„Додека државата е во тага, ВМРО-ДПМНЕ сака да ја поткопа независната, непристрасна, објективна и ефикасна истрага за пожарот во модуларната болница во Тетово, која ќе даде одговори за сѐ. Предизборна политизација на трагедијата е очајнички обид на ВМРО-ДПМНЕ да го покрие тоа што нема понуда и знае дека ѝ следи пораз. Нема да дозволиме лагите, некрофилноста на ВМРО-ДПМНЕ да влијаат врз истрагата. Институциите имаат стручност и капацитет да спроведат темелна и ефикасна истрага. Вклучувањето на странски експерти во откривањето на причините за пожарот е дополнителна потврда за непристрасност во постапката. Јавноста навремено ќе биде запознаена со секоја запирка и точка од извештајот на истрагата и дејствијата што се преземаат. Никој нема да биде изземен од одговорност ако истрагата тоа го утврди“,
се наведува во реакцијата на СДСМ.