Спроведувањето закон врз сторител на инцидент во Битола, како што додаваат од партијата, е замачкување на очите на јавноста за да се дефокусира вниманието од колективна неправда, срушениот правен систем и економската катастрофа во која живее народот. Како што посочуваат, инцидентот во Битола е реакција на постапките на власта поврзани со распродавањето на државните и националните интереси
Откако во јавноста излезе информација дека пејачот Ламбе Алабаковски е сторителот на опожарениот влез на бугарскиот културен центар во Битола, ВМРО-ДПМНЕ излезе со реакција дека не поддржува никаков вид насилство и дека тоа не е одговор на проблемите, но додаде дека инцидентот во Битола е реакција на постапките на власта поврзани со распродавањето на државните и националните интереси.
Додаваат оти таквата распродажба на национални интереси предизвикува фрустрација и бес кај голем број граѓани.
„Во време кога сè уште нема одговор каде се парите од ‘Рекетот’, во време кога се дозволи Ден Дончев да избега со туце пари што ги зеде како мито, кога Рашковски и Зекири се осомничени за огромни злоупотреби, кога нема виновни за горењето на пациентите во модуларната болница во Тетово, нема одговорност за несреќите во Ласкарци и Бугарија, кога Спасовски не одговара за нелегални пасоши издадени на белосветски мафијаши, спроведувањето закон врз сторител на инцидент во Битола е замачкување на очите на јавноста за да се дефокусира вниманието од колективна неправда, срушениот правен систем и економската катастрофа во која живее народот“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Решението на сето ова, како што додаваат од партијата, е да се промени Владата.
Претходно денеска, откако во јавноста се појави информација дека македонскиот поп-пејач Ламбе Алабаковски е виновен за палењето на вратата на бугарскиот културен центар во Битола, партијата Левица објави дека неговиот потег е целосно оправдан, а дека секоја друга пресуда освен ослободителна за пејачот ќе претставува, како што велат, антидржавнички чин и напад врз македонската државотворност, конституирана во АСНОМ.
Во меѓувреме, и адвокатите Јанаки Митровски и Драган Пешевски на социјалните мрежи објавија дека се подготвени бесплатно да го бранат пејачот.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека за откривање на лицето што го запали влезот на бугарскиот клуб во Битола изминатите денови се презеле интензивни мерки и криминалистички активности, а при синоќешниот претрес во неговиот дом и други простории што ги користело лицето се пронајдени предмети, меѓу кои и облеката за која надлежните се сомневаат дека ја носело кога го подметнало пожарот.
Поврзани вести:
- Левица го оправдува потегот на Алабаковски: Секоја друга пресуда освен ослободителна ќе претставува антидржавнички чин и напад врз македонската државотворност
- (ФОТО) Запален влезот на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола
- ОЈО: Издадени наредби за откривање на сторителите на опожарениот културен центар во Битола
- Ковачевски: Во 21 век со палење и опожарување не се постигнува ништо
- За Генчовска пожарот во Битола е подметнат намерно и ладнокрвно, очекува судството да си ја заврши работата