Во писмената реакција од владејачката партија велат дека вадењето сметки од пред осум години е за да манипулираат со Мицкоски и Димитриеска-Кочоска

Со зурли и тапани ќе обелоденеа од СДСМ додека беа на власт ако имаше нешто, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ откако денеска од опозициската партија објавија сметки и фактури за направени трошоци во ресторани и угостителски објекти од страна на актуелниот премиер Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од времето кога биле на позициите директор на „Електрани на Северна Македонија“ и директор за финансии во ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ.
Во писмената реакција од владејачката партија велат дека вадењето сметки од пред осум години е за да манипулираат со Мицкоски и Димитриеска-Кочоска.
„Ако имало било што за претседателот Мицкоски и министерката Кочовска, СДС со зурли и на тапани изминативе 8 години ќе го објавеа и процесираа. СДС манипулира со сметки, затоа што се очајни и не знаат каде тераат. Ако зборуваме за сметки и кафeански ручеци и хотелски сместувања, првото место оди за СДС, нема да се спуштаме на тоа ниво да докажуваме кој што правел, доволно е да се погледне од Бисера Антоанета, преку Маричиќ па надолу“,
се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, очајот кај СДСМ е голем заради тоа што за првпат во земјата нивото на инвестиции е над 1,2 милијарда евра, а има покачување и кај платите и пензиите.
„СДС гледа дека нивната политика е поразена одамна, а падот во рејтинг не им престанува иако се длабоко во опозиција“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Мартин Костовски, организациски секретар на СДСМ денеска на прес-конференција објави сметки кои се од крајот на 2016 и почетокот на 2017 година, а од кои се гледа дека Мицкоски и Димитриеска-Кочоска со народни пари на сметка на ЕСМ плаќале гозби по ресторани.