Оценката на власта е дека Рамадани бил пуштен во домашен притвор, од каде што избега, од судиите кои „со години му слугуваат и го штитат криминалот на СДСМ и ДУИ“. Опозицискиот СДСМ, пак, го оцени за несмасен спин на власта тврдењето дека Судот е виновен за бегството на Рамадани, а вината ја лоцира во МВР и министерот Тошковски
Бегството на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани, денеска е една од главните теми во партиските соопштенија на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ.
Оценката на власта е дека Рамадани бил пуштен во домашен притвор, од каде што избега, од судиите кои, како што велат, со години му слугуваат и го штитат криминалот на СДСМ и ДУИ.
„Да потсетиме дека ова не е прв случај да се пуштаат на слобода вакви лица. Во 2019 година на слобода е пуштен и Косоварот Томор Морина кој на Косово го пречекаа со музика, од истите судии и спрега која ја контролира СДС и ДУИ. СДС и ДУИ се рак-рана и извор на криминалот во ова општество и ќе има одговорност за сите кои ја попречуваат правдата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката партија прашува и зошто за одлуката на судиите за преиначување на безбедносните мерки за Рамадани не реагирал Судскиот совет – тело кое власта инсистира дека треба да биде распуштено.
Опозицискиот СДСМ, пак, го оцени за несмасен спин на власта тврдењето дека Судот е виновен за бегството на Блерим Рамадани. Вината ја лоцираат во Министерството за внатрешни работи (МВР) и министерот Панче Тошковски, за кои обвинија оти намерно го пуштиле Рамадани.
„Има ли поголем доказ дека тој е намерно пуштен од МВР и Тошковски, што само за еден ден по бегството човекот е удобно дома, па уште стигаат јасни пораки од Косово дека е таму? Кого се обидуваат да залажат институциите дека ова не е целосно сценарио за ослободување реализирано од МВР? Кој ќе сноси одговорност за бегството на човек баран со меѓународна потерница?“,
велат од СДСМ.
Од партијата оценуваат оти Тошковски е најнеспособниот министер за внатрешни работи и оти мора веднаш да замине од функцијата. Во неговиот шестмесечен мандат, споед СДСМ, безбедноста се влошила во секој сегмент.
Телевизија 21 вчера објави дека Блерим Рамадани, кој избега од домашен притвор во Македонија, можно е веќе да се наоѓа во родниот град во Косово. На социјалната мрежа Фејсбук е објавена фотографија од Блерим Рамадани со извесен Несрет Шашивари, кој во објавата се претставува како негов внук. Во постот се вели: „Чичко Блерим Рамадани, добре дојде дома, во нашиот роден град“.