Во осум наврати институциите на државата, односно Владата, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, но и Министерството за економија се јавуваат како даватели на услуга кон фирмата во сопственост на братот на Груби, „ЕТЦ травел“ ДООЕЛ Скопје, од 2020 до 2022 година. Вкупната вредност што фирмата на братот на Артан Груби ја добила од државата е над еден милион денари, посочија од ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ денеска објави информации за кои тврди дека откриваат нов случај на судир на интереси во кој е вклучен вицепремиерот Артан Груби. Од опозициската партија обвинуваат дека голема е поврзаноста меѓу Артан Груби и бизнисот на неговиот брат.
Портпаролката на партијата Марија Митева на прес-конференција презентира документ кој, како што посочи, е преземен од Отворени финансии и преку него може да се види дека од страна на Владата каде Груби е прв вицепремиер, но и од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците каде што Груби е министер, се исплаќале средства токму на „ЕТЦ травел“ ДООЕЛ Скопје, фирма во сопственост на неговиот брат.
„Имено, во осум наврати институциите на државата, односно Владата, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, но и Министерството за економија се јавуваат како даватели на услуга кон фирмата во сопственост на братот на Груби, ‘ЕТЦ травел’ ДООЕЛ Скопје, од 2020 до 2022 година. Вкупната вредност што фирмата на братот на Артан Груби ја добила од државата е над еден милион денари. Ова е вистината што Артан Груби сакаше со лаги и невистини да ја сокрие од јавноста. Артан Груби, и тоа како има врска со неговиот брат, а воедно и со неговиот бизнис затоа што Артан директно, од позиција на министер, ѝ исплаќа услуги на фирмата на неговиот брат“,
рече Митева.
Таа нагласи дека фирмата „ЕТЦ травел“ е фирма која четири години, во период од 2016 до 2020 година, има минусно салдо, односно работи во загуба, „па можеби со овие трансакции се надоместувала загубата“.
„Очигледно е дека братската врска во семејството Груби е нераскинлива, од деловен простор за 700 евра по квадратен метар во центарот на Скопје до префрлање буџетски пари за услуги или, пак, дојдоа времиња кога парите се цел на многумина па ‘брат за брат, сирење за пари’ е најточната дефиниција. Ова е уште еден доказ за политичка корупција која мора да биде најстрого казнета“,
порача Митева.
ВМРО-ДПМНЕ претходно обвини дека братот на првиот вицепремиер, Ветон Груби, поседува голем деловен простор на улица „Македонија“ во вредност од половина милион евра. Објектот со површина од 127 квадратни метри, посочија од партијата, е купен во време кога Груби е вицепремиер во Владата.