Реакцијата е во рамките на 2 100 амандмани што пратениците на опозициската партија вчера ги поднесоа во Собранието со цел преку филибастеринг да го спречат носењето на четирите закони со кои се предвидува покачување на платите на судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители
Владата треба да ги ослободи судиите и обвинителите од притисоци и да овозможи владеење на правото, а не прв чекор да ѝ биде зголемувањето на нивните плати, се вели во писменото соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ објавено утрово.

Реакцијата е во рамките на 2 100 амандмани што пратениците на опозициската партија вчера ги поднесоа во Собранието со цел преку филибастеринг да го спречат носењето на четирите закони со кои се предвидува покачување на платите на судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
„Во услови кога довербата на граѓаните во правосудството е само три отсто, власта зголемува плати, наместо да се зафати со реформи и тргање на рацете од судската власт. Владата не треба да им ги зголемува платите на судиите и обвинителите, туку првин да ги ослободи од притисокот и да овозможи владеење на правото, а не владеење на непотизмот, криминалот и клиентелизмот“,
се наведува во соопштението.
Премиерот Димитар Ковачевски, велат од партијата, наместо да оди со квазимерки, првин треба да запре со полнење на правосудството со роднини на функционери од врвот на власта. Имено, од партијата алудираат на кандидатите кои пред еден месец го положија завршниот испит на Академијата за судии и јавни обвинители, а меѓу кои на објавената ранг-листа се наоѓаат имињата на синови и блиски роднини на актуелни функционери од власта.
Меѓу нив, во фокусот на јавноста особено се најде Барлет Џафери, син претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ќе биде иден јавен обвинител.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека шест години како СДСМ е на власт состојбата во правосудството е сè полоша од година во година.
„Потребни се реформски чекори за силни институции, за кои нема способност во СДС. Затоа, додека е СДС, правосудството ќе тоне“,
велат од опозициската партија.
Покрај ВМРО-ДПМНЕ, 2 400 амандмани со кои се блокира донесувањето на законите поднесе и Левица.
Четирите предлог-закони за изменување на Законот за плати на судии и на Законот за плати на членовите на Судскиот совет на Република Македонија, кои беа предложени од Владата, односно од Министерството за правда – по скратена постапка, вчера беа на дневен ред на седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Откако беше констатирано дека за секој од законите се поднесени по околу 500 амандмани, таа беше прекината.
Дајанчо Ефтимов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција во Собранието истакна дека во услови кога инфлацијата во државата е на алармантно ниво, кога стопанствениците едвај даваат плати на своите вработени, кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, новата влада, со очигледно стари навики, не отстапува од намерата да ги зголеми платите на судиите и обвинителите.
„За да биде појасно, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не е против покачувањето на платите на судиите и јавните обвинители, но како одговорни пратеници реагираме од принципиелни причини бидејќи токму покачувањето на платите во судството треба да биде последната, а не првата мерка која што оваа Влада треба да ја направи“,
рече Ефтимов.
Од Левица, пак истакнаа дека платите на судиите се најмалиот проблем во реформата на судскиот систем, која, како што велат, треба да биде радикална.