Партијата сега предлага, ако веќе пописот мора да се спроведе пролетва, тој да биде по електронски пат
ВМРО-ДПМНЕ утре почнува со собирање потписи за поништување на Законот за попис, со кој се предвидува по 19 години, конечно, напролет да се преброи населението во земјава.
Сепак, партијата сега предлага, ако веќе пописот мора да се спроведе пролетва, тој да биде по електронски пат, со споредување на базите на податоци на повеќе институции.
„Иницијатива за собирање потписи започнува во подрачните единици на Државната изборна комисија. Откако ќе се соберат 100 потписи, се доставуваат до спикерот во Собранието, а потоа иницијативата се препраќа во матични комисии. Откако ќе се констатира комплетноста на првите 100 потписи, тогаш се известува претседателот на Собранието“,
најави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
По ова течат натамошните постапки за собирање потписи за поништување на Законот за попис. Формалното собирање потписи, како што рече, би можело да се очекува на почетокот на следниот месец.
Партијата, вели дека останува на ставот дека попис со теренски посети во услови на пандемија не треба да има и како пример ги наведе Хрватска, Бугарија, Германија и Романија кои ја одложија операцијата поради пандемијата.
„Нашиот апел е ако веќе насилно сакаат да го протнат овој процес на попис тогаш тој нека биде електронски, а не ваков со загрозување на здравјето на граѓаните“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и ја отфрли идејата за комбиниран попис што го спомена премиерот Заев бидејќи, како што рече, тоа повторно би значело одење на врата од страна на попишувачите и барање на матичен број.
„Таква кованица слушам од Заев изминатите денови. Човекот сака да презентира кованица која и нему не му е јасна. Комбиниран попис претпоставува дека ќе дојде попишувачот и матичниот број ќе го внесе во системот и таму ќе се споредува во определени бази на податоци, по што ќе се добијат конечните резултати. Но, повторно мора дома да ви тропне некој физички за да му го дадете матичниот број и останатите параметри коишто се лични податоци“,
рече Мицкоски.
Предлогот пописот да биде електронски неодамна го даде Мицкоски во интервју за Канал 5 отфрлајќи ја идејата за бојкот.
Доколку биде слушнат овој нивни апел, тој најави дека ќе ги повика и македонските граѓани тука и дијаспората да се попишат, со што, како што рече, ќе се остави трага во системот која ќе биде предмет на ревизија од идната влада на ВМРО-ДПМНЕ. А кога неговата партија ќе дојде на власт, тој најави дека ќе спроведе електронски попис.