Доколку Николовски и Бочварски се занимаваа повеќе со проектите, наместо со давање тендери на фирми блиски до Заев, патот досега веќе ќе беше готов, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Љупчо Николовски и Благој Бочварски лицемерно честитаа за пуштањето на патот Страцин – Крива Паланка, а господата од СДС изминативе седум години не успеаја да го завршат експресниот пат Страцин – Крива Паланка, па мораше ВМРО-ДПМНЕ експресно за само шест месеци да го пушти во употреба, реагираат од владејачката партија.
Доколку Николовски и Бочварски се занимаваа повеќе со проектите, наместо со давање тендери на фирми блиски до Заев, патот досега веќе ќе беше готов, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Знаеме дека минатата власт на СДС и ДУИ, дека освен тендерчиња и партиски вработувања, немаа ниту еден проект од областа на инфраструктурата. Од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, патот Страцин-Паланка е пуштен во употреба. Прилеп-Градско е готов, а Кичево-Охрид се работи во полна пареа. Видлива е разликата помеѓу власта на ВМРО-ДПМНЕ и онаа на СДС и ДУИ. Времето на матни тендери и партиски вработувања заврши, квалитетот и квантитетот сега се на виделина“,
се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешниот министер за транспорт и актуелен пратеник на СДСМ, Благој Бочварски, на прес-конференција кажа дека експресниот пат Страцин – Крива Паланка е проект започнат од СДСМ во 2018 година и над 90%, како што рече, бил веќе реализиран до средината на 2024 година.
„Да не беа блокадите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, овој пат можеше многу порано да се заврши во текот на 2024 година. За жал и само за свои политички цели пратениците од тогаш опозициската ДПМНЕ го кочеа овој проект како опозиција. Тогаш во Комисијата за финансирање и буџет ВМРО-ДПМНЕ со месеци го кочеше предлогот на законот за грант вреден 14 милиони евра, кој беше потребен за завршување на овој експресен пат. Но, како и да е, денес зборуваме за завршен патен правец и граѓаните од утре ќе може да ги почувствуваат придобивките за стратешките проекти започнати во време на владата на СДСМ“,
рече Бочварски.