Претседателот вчера рече дека одлучил да нема говор затоа што на народот му е доста од тоа. Наместо тоа, како што изјави, сака да ја деескалира вообичаената атмосфера во Крушево за време на празникот, која често е проследена со навреди
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека одлуката на претседателот Стево Пендаровски годинава да не држи говор на Мечкин Камен на 2 Август е срамен и недржавнички чин. На прашање дали Христијан Мицкоски ќе одговори на поканата сите политички лидери да присуствуваат на одбележување на празникот, од ВМРО-ДПМНЕ одговараат дека претседателот на партијата традиционално ќе биде во Ташмаруништа.
„Претседателот Христијан Мицкоски традиционално ќе биде присутен во струшко Ташмаруништа. А, Пендаровски со овој потег ја менува 30-годишната традиција на прославата за Илинден. Но кога некој човек нема визија за Република Македонија, не може ни да очекувате дека ќе има што да каже. И за тоа е ова резултатот. Навистина сме изненадени и ова е срамен и недржавнички потег“,
рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Претседателот Стево Пендаровски вчера на брифинг со новинарите кажа дека на 2 Август нема да држи говор на Мечкин Камен во Крушево и планирано е настанот да започне во 18 часот наместо традиционално во 10 или 11 часот со цел да се соберат сите лидери на политичките партии во земјава до кои лично испратил покани.
„Нема да одржам говор. Мислам дека на народот му е доста од говори. Сакам да ја деескалирам вообичаената атмосфера на Мечкин Камен, која често е проследена со навреди кои повеќе разединуваат отколку што обединуваат“,
рече Пендаровски.