Во соопштението на опозициската партија не е прецизно наведено за каква уредба станува збор, со оглед на статусот на вработените во ова Обвинителство, кој остана нерешен до распишувањето на предвремените избори
ВМРО-ДПМНЕ, во едно од неколкуте соопштенија што ги објави ова претпладне, ја нападна владејачката партија дека носи уредба за исплата на средства на вработените во СЈО.
„Наместо да поработат на тоа да им се помогне на граѓаните, СДСМ без никаков срам носат уредба да се исплатат средства на поранешните вработени во СЈО, кое беше добро познато дека работи во корист на СДСМ, така што за целиот рекет кој го спроведуваше Катица Јанева на крај да заврши кај Зоран Заев“,
се нагласува во партиското соопштениe, во кое не се наведуваат повеќе детали за наводната уредба за СЈО, каде што, пак, статусот на вработените остана нерешен до распишувањето на предвремените избори.
Според ВМРО-ДПМНЕ, владата на СДСМ не умее и не може да се справи со пандемијата, така што, како што велат, од ден на ден, земјата се повеќе ослабнува како на економски така и на здравствен и социјален план.
„’Сетот на мерки’ што ги носи владата, за кои без срам се фали дека се за доброто на граѓаните и претпријатијата, всушност, само ќе предизвикаат дополнително задолжување на претпријатијата кое ќе резултира со затварање на нивните бизнисите“,
стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија повторно обвинуваат дека владата направила големи трошоци, како што велат, од 8 милиони денари за репрезентации, ресторани и патувања.
„Дополнително кратење на трошоци не е кога не се штеди, ниту на трошоци на патувања во земјава и во странство. Владата има потрошени вкупно 5.955. 834 денари или 96.843 евра за патни трошоци, сместувања, хранарина и дневници. Речиси 97.000 евра“,
тврдат од ВМРО-ДПМНЕ без да наведат за кој период се однесуваат трошоците што ги посочуваат.
Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ се онесува на соопштение во кое СДСМ ги поздравува мерките на Владата за справување со економските последици од пандемијата.
„Владата го усвои вториот голем економски пакет, вреден 200 милиони евра, што овозможува директна помош за сите кои се погодени од кризата – за работниците, за стопанството, за малите и средни претпријатија, за дуќаните, занаетчиите, за спортистите и уметниците и за сите граѓани кои се дел од неформалната економија. Со овие мерки, во овие тешки времиња, ќе сочуваме најмалку 250.000 работни места и ќе им помогнеме на над 35.000 компании полесно да ја пребродат оваа здравствена и економска криза“,
се наведува, меѓу другото, во соопштението на СДСМ.