Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Зоран Заев избираат послушни обвинители и судии а со промоцијата на лажни концепти за наводни реформи, како што велат, се сака во правосудството да останат само блиски и погодни луѓе на СДСМ и Зоран Заев, за да остане неказнет криминалот.
Тие му порачуваат на министерот за правда, доколку сака да се занимава со реформи да утврди зошто обвинителството се уште не се произнело за 30-те кривични пријави поднесени во врска со изборен криминал за време на предвремените парламентарни избори.
Исто така, од партијата сметаат дека Маричиќ мора да даде одговор зошто обвинителката Вилма Рускоска не го расчистува вештачењето на телефоните во случајот Рекет, изразувајжи сомнеж дека некој во СДСМ се плаши од тоа што може да се најде на телефоните.
Тие прашуваат, до каде е работата на обвинителството во случајот со Ден Дончев, и до кога ќе се дозволува високи антизападни олигарси како што е случајот Дака на сомнителен начин да добиваат дозволи за градба на мега-комплекси во центарот на Тетово.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека само реформирано судство може да го даде одговор како врз основа на лажни сведоци се затвораат патриоти на повеќе од 200 години затвор, зошто главните лица од обвинителството имаат омраза и аверзија кон опозицијата и кога ќе престане застрашувањето на новинари со истраги, повици во полиција, условни осуди.
„Очигледно е дека преку сеењето магла се сака да се зголеми и продолжи контролата на судството и обвинителството. На Македонија и е потребен транспарентен и објективен систем, со силна правосудна независност. Судот мора да суди според законот, независно дали се работи за висок партиски функционер од СДСМ, претставник на опозицијата, неопределен граѓанин. Судот и обвинителството мора да бидат еднакви и праведни за сите, а не под клештата на власта. Затоа потребна е промена. Промена на власта, за ослободување на системот“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
