Со исти истрошени кадри СДСМ оди во изборен пораз, народот веќе ги прочита. Стари кадри за штитење на криминалот, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако лидерот на социјалдемократите Зоран Заев вечерва објави кандидати за градоначалници на 29 општини и Градот Скопје.
Во реакцијата, опозицијата се осврнува на тројца актуелни градоначалници на поголемите градови, за кои Заев рече дека ќе бидат кандидат за нов мандат – Петре Шилегов за Град Скопје, Сашко Николов за Штип и Константин Георгиевски за Охрид.
„Вечерва Заев го предложи Шилегов за кандидат за градоначалник за Скопје. Шилегов кој вети и не направи тунел под Кале, продолжување на булевар Илинден со мост преку Вардар кон Ѓорче Петров. Шилегов кој не вети, но брка 84 наставници, купува клупи од 500 евра од тропско дрво и плаќа противпожарно возило 900 000 евра поскапо од тоа што го плаќа град Загреб за исто такво возило. Заев го предложи Сашко Николов за кандидат за градоначалник за Штип, кој се потсмева со работниците, а додека тој е градоначалник неговите роднини, газдите на Баргала даваат плата од 200 денари на напатениот народ. За Охрид СДСМ ќе трча со Константин Георгиев, кој две години не смее да сруши една дивоградба, заради кој статусот на Охрид на листата на УНЕСКО виси“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозицијата додаваат и дека тие со своите кандидати ќе ја покажат разликата и ќе стават крај на, како што велат, безидејноста.