ВМРО – ДПМНЕ се огради и го осуди однесувањето на Емил Јакимовски, член на опозициската партија вработен во Централниот регистар кој и се закануваше на новинарката на А1.он Мери Јордановска и ги повика институциите да постапат согласно законските прописи.
Но во соопштението од опозициската партија се истакнува дека поседуваат како што велат, конкретни докази за честа комуникација и контакт на Јакимовски со висок функционер на партијата СДСМ од неговиот роден град Крива Паланка и бараат да се утврди дали зад таквото однесување на Јакимовски не стои координирана акција и уцена од овој висок функционер на СДСМ.
„Тоа што во медиумите се прикажува СДСМ за лажен душегрижник за новинари, а во реалноста висок функционер на СДСМ има честа координација со Јакимовски го покажува лицемерието на СДСМ и нечесните намери. Доказите за таквата координација ВМРО-ДПМНЕ ќе ги достави до МВР, по што ги повикуваме да извршат вештачење на доказите и комуникацијата помеѓу високиот функционер на СДСМ и Емил Јакимовски со цел да се дознае вистината, а од друга страна да се утврди дали станува збор за уцена од страна на СДСМ и нивниот функционер врз ова лице“,
се вели во соопштението од ВМРО – ДПМНЕ.
Новинарката Јордановска на својот Фејсбук профил објави принтскринови од заканите и навредите што Јакимовски и ги упатувал преку интернет.
„Гуска“, „пропагандистичка ороспија“, „да те искреираат на некролог“ се дел од заканите кои Јакимовски и ги упатил на Јордановска.
Директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска- Јанковски каде што Јакимовски е вработен денеска преку соопштение остро ги осуди заканите кон Јордановска и обелодени дека Јакимовски се заканувал и на вработени во Централниот регистар, меѓу кои и нејзе лично и за тоа е отворена дисциплинска постапка, но нема одлука бидејќи тој неколку месеци е на боледување.
„Исто така во изминатиот период во МВР има повеќе пријави од вработени во Централниот регистар поради закани од истото лице. Меѓу пријавите поднесени во МВР е и пријавата поднесена од мене лично како директор каде во изминатиот период сум мета на постојани напади и закани од Емил Јакимовски“,
се вели во писмената реакција од директорката на Централен регистар.
И градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев преку порталот Фронтлајн.мк исто така објави принтскинови од закани, вулгарни зборови и говоро на омраза што до него ги упатувал Јакимовски изминатиот период.
Новинарските здруженија, ЗНМ и Самојстојниот синдикат на новинарите реагираа со осуда и побараа од институциите поревносно да ги откриваат и санкционираат ваквите случаи, особено што нивниот број се зголемува во периодот на предизборието.