Оттаму сметаат дека СДСМ е директно засегната од смените во МЕПСО и ЕСМ и затоа велат, „се занимаваат со лажни и подли кампањи со кои оцрнуваат луѓе кои чесно работат“

Најавената смена на раководствата на МЕПСО и ЕСМ и ревизијата на нивното работење, според ВМРО-ДПМНЕ, е причина за денешната прес-конференција на Методија Илиевски од СДСМ, кој обвини дека компанија поврзана со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, имала долг кон државната компанија МЕПСО од околу еден милион евра.
Во соопштението испратено од ВМРО-ДПМНЕ нема одговор на прашањата од Илиевски дали министерката сѐ уште должи пари и дали има конфликт на интерес со тоа што таа е одговорна за МЕПСО, туку има само прашање: Од кога долг на компанија е кривично дело?
Илиевски, претходно на прес-конференцијата не спомена дека долгот е кривично дело, туку праша дали има конфликт ако лице што му должи на МЕПСО е надлежно за него.
„Не е проблемот Сања Божиновска, туку фактот што СДС и ДУИ седум години полнеа џебови од криминалот во МЕПСО и ЕСМ. Денешните прес-конференции се лицемерни, најмалку поради два аспекти. Првиот, кога тоа долг на компанија е кривично дело? Второ, СДС имаше седум години апсолутна власт со ДУИ. Ако имало криминал, тогаш што правела СДС?“,
се вели во реакцијата испратена од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму сметаат дека СДСМ е директно засегната од смените во МЕПСО и ЕСМ и затоа велат, „се занимаваат со лажни и подли кампањи со кои оцрнуваат луѓе кои чесно работат“.
„Во отсуство на идеи, обременети со внатрешни проблеми и расколи, СДС, која имаше седум години власт, не успеа да докаже ништо и сега со маалски прес-конференции, редовно во прашална форма, се трудат да привлечат внимание“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата од партијата има и контраобвинувања испратени до СДСМ, а од каде потсетуваат на тендерите за увоз на јаглен, за ископ, за тендерите на струја.
Методија Илиевски од СДСМ денеска рече дека компанија поврзана со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во 2016 и 2017 година направила долг за неплатена струја кон државната компанија МЕПСО од околу еден милион евра. Како што додаде тој, станува збор за фирмата „ЕНГ сервис трејд ДОО Скопје“, чиј основач и еден од управителите била Божиновска.
Според него, во тоа време над 70 отсто од вкупниот долг на МЕПСО го направила само една фирма, таа на министерката. До крајот на 2017 година, рече Илиевски, долгот достигнал 59 милиони денари, што е речиси еден милион евра.