Од СДСМ обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ не гласа за своите министри во техничката влада како алиби за изборниот пораз на Христијан Мицкоски

ВМРО-ДПМНЕ реагира што СДСМ во Собранието денеска гласаше за техничката влада. Оттаму велат дека пратениците од владејачката партија како ученичиња гласале за мандатарот Талат Џафери.
„Зборот на СДС е дувни ветре развигорче и нема никаква вредност. Со денови се силеа, меѓу кои и Ковачевски дека нема да гласаат за техничка влада која нема да ја поддржи ВМРО-ДПМНЕ, а денес се ‘нацртаа’ да гласаат за Талат Џафери за премиер. Што е тоа со кое ДУИ ја уценува СДС, па тие се должни како подарок да им ја дадат државата? Дали преку Талат премиер СДС си ја купува власта? Со СДС и ДУИ народот ја губи државата. Никогаш не било полошо“,
велат оттаму.
ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за дневниот ред со единствена точка – избор на влада, а не се изјасни ниту на финалното гласање, иако двајца министри од нивните редови ќе бидат дел од техничката влада.
Станува збор за Панче Тошковски, кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи и Ѓоко Велковски, кој ќе застане на чело на Министерството за труд и социјална политика.
Од СДСМ обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ не гласа за своите министри во техничката влада како алиби за изборниот пораз на Христијан Мицкоски.