Од опозициската партија наведуваат дека власта на ВМРО-ДПМНЕ оваа стратегија ја спроведува според добро познати српски рецепти
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска преку писмено соопштение излезе со тврдења дека условниот отпуст од затвор на поранешната шефица на згаснатото Специјално обвинителство (СЈО), Катица Јанева, е дел од сценарио ВМРО-ДПМНЕ таа да биде искористена како алатка за напади врз СДСМ, а во пресрет на предвремени избори кои власта, според опозициската партија, ги планира за наредната година.

Од Основниот кривичен суд Скопје денеска официјално потврдија дека на ексобвинителката, која е правосилно осудена во предметот познат како „Рекет“, ѝ е одобрен условен отпуст од затворот „Идризово“ каде што ја издржува седумгодишната затворска казна.
Одлуката за условен отпуст била донесена од Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје пред една година, односно на 12 декември лани, а отпустот почнува на 21 декември оваа година и ќе трае до 21 јули следната година.
„Односно од седумгодишната затворска казна, која ја издржува осудената, дозволен е условен отпуст од 8 месеци“,
велат од Кривичен.
Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, пак, велат дека овие факти во целост го потврдиле сценариото од стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ, кое, како што наведуваат, целосно го разоткриле.
Според опозициската партија, условниот отпуст на Јанева доаѓа сега бидејќи власта се соочува со крупни скандали, од темата за прием на мигранти за пари до наместени тендери и недостиг на пари во буџетот за исплата на плати и пензии.
„Нивното сценарио е до изборите кои ги планираат наредната година, Јанева треба да биде искористена како алатка на ДПМНЕ во нивната црна кампања и во нападите врз СДСМ. Кривичните пријави и политичкиот прогон, лажните вести и манипулациите, нападите врз медиумите и спроведувањето на српското сценарио во Македонија веќе не се доволни. Власта ја губи контролата и затоа мора да ги засилува нападите“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Оттаму велат дека власта на ВМРО-ДПМНЕ оваа стратегија ја спроведува според добро познати српски рецепти.
Случајот со Јанева тие го споредуваат со оној на Дијана Хркаловиќ во Србија. Имено, Хркаловиќ, која беше државна секретарка во Министерството за внатрешни работи на Србија, во јануари годинава беше првостепено осудена на една година и четири месеци затвор за злоупотреба на службената положба и овластување, односно трговија со влијание. На почетокот на декември, како што објавија дел од српските медиуми, Апелацискиот суд во Белград ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење.
„Копи-пејст медиумска стратегија, со истите методи, истите наративи и истата цел: дефокус од суштинските проблеми и напад врз опозицијата. СДСМ јасно порачува: Нема да ви помине Катица. Нема да ви поминат мигрантите за пари. Нема да ви помине ниту едно сценарио за манипулација и дефокус“,
порачуваат од опозициската партија.

Што се однесува до Катица Јанева, Основниот кривичен суд Скопје ја изрече пресудата за случајот „Рекет“ на 18 јуни 2020 година, а правосилна стана кон крајот на јули следната година откако Апелацискиот суд Скопје по повеќе од една година ја потврди пресудата на првостепениот суд. За одлуката, Апелација информира преку соопштение на 21 јули 2021 г., а два дена подоцна Јанева беше спроведена во затворот „Идризово“ на отслужување на казната.
Во случајот „Рекет“, покрај Јанева, затворска казна доби и Бојан Јовановски-Боки 13 во времетраење од девет години, за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, додека пак Јанева беше осудена за злоупотреба на службената положба и овластување. На Јовановски кон крајот на 2023 година му беше прекинато издржувањето на затворската казна поради здравствената состојба во која се наоѓа.
