За нејзината кандидатура, како што велат од партијата, ќе се одлучува од страна на делегатите на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател на Република Македонија, која ќе се одржи на 2 март
Пратеничката и универзитетска професорка Гордана Силјановска-Давкова се пријавила на јавниот повик за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија, соопштија попладнево од партијата.
Оттаму велат и дека денеска истекува крајниот рок за поднесување пријава на јавниот повик за избор на кандидат за претседател кој ќе учествува на претстојните претседателски избори.
„Проф. Силјановска-Давкова поднесе план, програма за работа и потребен број на потписи на делегати“,
информираат од ВМРО-ДПМНЕ.
За нејзината кандидатура, како што велат од партијата, ќе се одлучува од страна на делегатите на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател на Република Македонија, која ќе се одржи на 2 март.
Инаку, од партијата потсетуваат и дека Силјановска-Давкова е актуелен пратеник во Собранието. Била професорка по Уставно право и Политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ. Таа е експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член е на Венецијанската комисија и автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.
На почетокот на месецот во интервју за ТВ Канал 5 таа рече дека сѐ уште не одлучила дали по вторпат ќе се кандидира за претседател на државата на претстојните избори, кои треба да се одржат на 24 април и 8 мај годинава.
„Сѐ уште не знам, да бидам искрена. Размислувам низ призма на мојот живот. Понудата да, но секој од нас има некој карактер. Јас многу сакам да талкам, не знам како би било да чекори некој покрај мене. Не знам како би било да живеам некаде, а не дома. Сѐ уште немам конечна одлука“,
вели Силјановска-Давкова.
Според неа, постојат многу причини зошто резултатот од претходните претседателски избори би бил различен од оној во 2019 година, ако спроти неа за кандидат се најде повторно сегашниот претседател Стево Пендаровски.
Рече и дека во главата има точно што треба да прави еден претседател, но посочи и оти досега малкумина на таа функција го правеле она што го можеле.
Уште во ноември минатата година Силјановска-Давкова и поранешниот пратеник и професор по уставно право Александар Спасеновски беа две од имињата што во опозициската ВМРО-ДПМНЕ се вртеа како можни претседателски кандидати.