Предлог-буџетот за 2024 година вчера, откако беше усвоен на седница на Влада, пред јавноста го презентираа премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими, кои рекоа дека тој ги има сите карактеристики за истовремено да го поддржи развојот и да ја обезбеди фискалната одржливост
Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, предлог-буџетот за 2024 година, кој вчера беше усвоен на седница на Влада и е проектиран на 5,5 милијарди евра, е напумпан и не носи развој, туку криминал и корупција.
„Димитар Ковачевски, СДС и ДУИ за 2024 година проектирале 5,5 милијарди евра за буџет, што е цели 2 милијарди повеќе од буџетот во 2018 година“,
се вели во писменото соопштение на ВМРО-ДПМНЕ објавено утрово.
Од опозициската партија велат дека власта од 2018 година до денес потрошила 25 милијарди евра низ буџети, но не неправилна ништо ново.
„Македонија стагнира на секое поле, нема учебници за учениците, нема лекови за болните, нема покачување на пензиите за пензионерите. Шест години нема еден готов автопат. Кичево – Охрид е во застој, Скопје – Блаце не е ниту почнат“,
се додава во соопштението.
Во овој контекст од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат каде се трошат милијардите евра од буџетите шест години по ред.
„Очигледно е дека наместо кај граѓаните парите завршуваат кај криминалците, затоа и власта се обидува да купи ден повеќе власт во 2024 година, за да продолжи со криминалот и корупцијата до последен ден. Потребни се итни промени, за грабежот да запре“,
порачуваат од опозициската партија.
Предлог-буџетот за 2024 година вчера, откако беше усвоен на седница на Влада, пред јавноста го презентираа премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими.
Според Владата, предлог-буџетот ги има сите карактеристики за истовремено да го поддржи развојот и да ја обезбеди фискалната одржливост.
Расходите во предложениот буџет се проектирани на 343,6 милијарди денари (5,5 милијарди евра) или за 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година, а приходите на 310,1 милијарда денари (3,04 милијарди евра) и се повисоки за 10 проценти во споредба со лани. Буџетскиот дефицит е за околу 9,2 милијарди денари (545 милиони евра) понизок во однос на 2023 година што, според Владата, ќе значи помало задолжување за 150 милиони евра.
Очекувањата на Владата се дека закрепнувањето на домашната економија догодина ќе забрза, со проектиран раст од 3,4 проценти во услови на раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка. Двигател на растот се очекува да бидат бруто-инвестициите, со очекуван раст од 8,4 проценти како резултат на јавните инвестиции, односно големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, придружени со мерките за поголема реализација на капиталните инвестиции.
Стапката на инфлацијата во 2024 година се очекува да се стабилизира и е проектирана на 3,6 проценти во услови на одржување на стабилно ниво на цените на енергенсите и храната на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација.
Премиерот Ковачевски вчера на прес-конференцијата рече дека предлог-буџетот за 2024 година е одговор на потребите и состојбата во која се наоѓа македонската економија и дека со него се гарантира редовна исплата на платите, пензиите и социјалната помош, како и подмирување на другите потреби на граѓаните и сервисирање на обврските на државата.
„Буџетот за 2024 година ќе биде столб на економското заздравување, а понатаму и на забрзување на растот. Тој ќе обезбеди фискална одржливост преку понатамошно спроведување на процесот на фискална консолидација. Буџетот ќе биде добра основа за зголемена и забрзана реализација на инфраструктурните проекти, привлекување на странски инвестиции, иновативност на домашните компании, поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, како и интензивирање на конвергенција на Република Северна Македонија кон ЕУ. Исто така, тој ќе овозможи редовно и непречено извршување на сите законски обврски, вклучително и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО“,
рече Ковачевски.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во своето обраќање рече дека буџетот е изработен во извонредно тешки глобални времиња кога е тешко да се предвидат работите. Се продолжува со политиките за намалување на инфлацијата, а одржливоста на буџетот, според Бесими, се гледа во тоа што се продолжува со намалување на буџетскиот дефицит.