Владата да не бега од референдум, повикаа и денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потсетувајќи на нивниот став дека нема да поддржат уставни измени.
„Само народот е суверен во секоја држава, дури и во Македонија. Тој мора да може да каже дали е ова историски успех или историски чин на предавство, асимилација и бугаризација на Македонија. Владата мора да го провери овој чекор пред народот, ДУИ/СДСМ мора да проверат дали се во право тие или оние интелектуалци и општествени дејци коишто, за жал, власта ги нарекува ‘хистерични’. Владата прифати документ што не носи европска иднина, туку асимилација, само со една цел фотографирање во Брисел и нова лага за купување ден повеќе на власт“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата сметаат дека она што СДСМ и ДУИ го прифатиле носи само до два порази – или бесконечни преговори, или асимилација по бугарски терк.
„Постои опција како да се спречи предавството, постои опција како да се спречи Бугарија да диктира учебници, Бугарија да организира прослави на свои верзии на биографии за македонските херои, Бугарија да ги бугаризира македонските споменици и митови за борбата за државност. Постои опција како да се избегне дополнително национално понижување и држава во позиција на потчинетост. А тоа е референдум!“,
потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачкиот СДСМ, пак, вратија дека барањето референдум е фарса на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Барањето на Христијан Мицкоски за референдум против заклучоците на Собранието, против чиста формулација на македонскиот јазик во ЕУ е ништо друго освен негова фарса наменета исклучиво за внатрепартиски потреби. Граѓаните знаат дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ бараа референдум и за Договорот од Преспа, а на крај тој референдум го бојкотираа“,
велат од СДСМ.
Од СДСМ посочуваат дека нема да поддржат референдум, како што велат, против македонски јазик во ЕУ.
„Мицкоски и неговите пратеници не смогнаа сили ниту достоинство да гласаат против во македонското Собрание, побегнаа и од дебатата и од гласањето. Не му се виновни граѓаните за тоа. Откако потонаа сите лаги и се виде дека ниту има бугаризација, ниту асимилација, туку почеток на преговори со чист македонски јазик во ЕУ, Мицкоски сака со неговото пропаѓање да ги повлече и граѓаните. СДСМ, заедно со граѓаните тоа нема да го дозволи. Референдум против македонски јазик во ЕУ нема да поддржиме“,
велат од СДСМ.