Граѓаните бараат избори час поскоро за да си замине неспособната власт која донесе само криминал, корупција и сиромаштија, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата посочуваат дека на средбите со граѓаните кои ги имаат како дел од партиските теренски активности, се зборувало за масовното иселување од државата.
„Со оваа власт Македонија се празни, односно белата чума сѐ поголем замав зема во земјава. Сето тоа е последица на системот којшто не функционира, односно за немањето на еден здравствен систем, образовен систем, немање на еден правосуден систем којшто ќе ја гарантира правдата за сите граѓани во Република Македонија“,
порачал пратеникот Драган Ковачки.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека европската перспектива којашто ДУИ и Социјалдемократскиот сојуз ја заговараат и ја нудат на граѓаните е само бледа фарса за покривање на, како што велат, нивните криминални дејанија од кои се оградуваат и европските институции.
„Денес се разбира највеќе се разочарани граѓаните од она што се случува со криминалниот проект кој го потпиша Владата со „Бехтел и Енка“, за кој влегоа апсолутно неспремни или не сакаа да видат што точно потпишуваат за коешто Република Македонија ќе исплаќа стотици милиони евра за пенали“,
потенцирал Зоран Љутков од ВМРО-ДПМНЕ.