Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача на обвинителката Вилма Русковска дека по 12 април Македонија повторно ќе биде правна држава и ќе одговараат тие што се огрешиле и тие што наместо да го гонат го бранеле криминалот, алудирајќи токму на неа.
„Изминатите три години Русковска работеше исклучиво по насоките на Зоран Заев. Невини луѓе сместуваше во затвор само поради тоа што први го кренаа гласот против неправдата која ја донесе нејзиниот шеф. Наместо да покрене обвиненија против главата на октоподот, таа служеше да го амнестира криминалот на Зоран Заев и неговата рекетарска банда. Наместо со право, Русковска се занимаваше со политика“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие повторно го споменуваат случајот „Рекет“ обвинувајќи ја дека прави сè за имињата Зоран и Вице Заев да не се слушнат во судница и да не завршат во решетки.
Ваквата реакција на опозицијата следува откако Вилма Русковска денеска изјави дека е невкусно да се користат лични имиња во кампања бидејќи синоќа Христијан Мицкоски на протест ги прозва неа и републичкиот обвинител Љубомир Јовески како заштитници на криминалот.
Русковска, исто така, порача дека ако Мицкоски се сомнева во Јовески може да ја пријави во Советот на јавни обвинители.