Според информации во јавноста, онколошки пациенти кои починале и понатаму се водат на листи за лечење, за оние, пак, кои се лечат сѐ уште нема дел од потребната терапија, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочувајќи дека јавноста секој ден слуша сѐ помонструозни детали од, како што велат, скандалот „Онкологија“.
„Надлежните, МВР, обвинителството, воопшто правосудството во држава се слепи за криминалот на Онкологија. Час поскоро потребно е да се дадат одговори, кому сѐ му биле издавани цитостатици, дали странски државјани биле лекувани со цитостатици на сметка на Фондот за здравство, дали малверзациите на Онкологија се причина за милионските долгови на Клиниката во последните три години?“,
прашуваат од партијата.
Обвинуваат дека во меѓувреме власта на СДСМ и ДУИ за три години на тендери за софтверски лиценци троши 40 милиони, а од болните се крадат лекарства, не дава финансиска помош за децата со Даунов синдром и само наоѓа начини да краде од народот.
„Едноставно е, потребно е да се детектира од страна на надлежните кој е виновен за скандалот ‘Онкологија’. Не смее и овој скандал да заврши како оној со модуларната во Тетово која изгоре и притоа животите ги изгубија 14 лица, а виновен беше кабелот“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата најавуваат дека кога тие ќе дојдат на власт, сериозно ќе се зафатат со решавање на овој проблем, како и воопшто со сите случаи каде што постои основано сомневање дека некој крадел и се богател на маката на граѓаните.