На брифингот одржан минатата недела, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска појасни дека парите што земјава ги добила за изградба на пругата кон Бугарија, кој е проект во рамките на Коридорот 8, нема да може да се пренаменат, но можно е да се разговара со кредиторите (Европската инвестициска банка н.з) и да се зборува за нов заем
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ смета дека претходната влада била неодговорна и без никаква економска оправданост влегла во проект за изградба на третата делница од пругата кон Бугарија тежок 560 милиони евра. Според нив, Македонија е оставена на цедило, со големи проблеми, ограбена и со неплански проекти. Сметаат дека според математиките еден километар од пругата долга 24 километри би чинел над 23 милиони евра.
„Цената на чинење е само еден од проблемите. Пругата од 24 километри треба да има 22 тунели, од кои последниот нема излез. Да, СДСМ и ДУИ предвиделе пругата кон Бугарија да завршува во тунел кој нема излез, затоа што од бугарска страна нема ниту проект за неа“,
рече пратеникот Бране Петрушевски на денешната прес-конференција.
Од ВМРО-ДПМНЕ проценуваат дека тие средства можат да се потрошат на модернизација на пругата од „Табановце“ до „Богородица“.
„Таа пруга може да се користи од возови кои би се движеле до 120 километри на час, а би чинела 250 милиони евра, односно на половина од тоа што СДСМ и ДУИ планирале за пруга со тунел без крај“,
истакна Петрушевски.
Ставот што денеска го изнесе Петрушевски веќе подолго време го прокламираат високи функционери од власта. Тие сметаат дека средствата добиени како финансиска помош од ЕУ за изградба на железничката пруга од Куманово до Деве Баир треба да се пренаменат за обнова и реконструкција на коридорот од Табановце до Гевгелија.
Сепак, на брифингот одржан минатата недела, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска појасни дека парите што земјава ги добила за изградба на пругата кон Бугарија, кој е проект во рамките на Коридорот 8, нема да може да се пренаменат, но можно е да се разговара со кредиторите (Европската инвестициска банка н.з) и да се зборува за нов заем.
Претходно, во однос на изградбата на железничкиот Коридор 8 се огласи Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од каде што соопштија дека Република Северна Македонија е свесна за геостратегиско значење на овој патен коридор и како земја реализира многубројни активности за регионално поврзување и завршување на оската запад–исток.
Оттаму нагласија дека во фаза на реализација е изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце со инвестиција од 40 милиони евра и дека во фаза на реализација е и изградбата на пругата од Бељаковце до Крива Паланка – инвестиција вредна 155 милиони евра. Во фаза на тендерска постапка е последната делница од Крива Паланка до граничниот премин „Деве Баир“, но нагласуваат дека се работи за „пруга која завршува во претпоставен тунел“.
За изградба на пругата до Гевгелија, вчера во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ зборуваа и шефовите на државите на Северна Македонија и Србија, Гордана Сиљановска-Дафкова и Александар Вучиќ.