Опозицијата реши да го пресретне лидерот на СДСМ, кој деновиве навестува можно одложување на датумот за распуштање на парламентот, но не и на изборите што се договорени за 12 април
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ подготвила предлог за распуштање на парламентот на 12 февруари. Иницијативата на опозициските пратеници, која во текот на денот ќе биде поднесена во собраниската архива, дојде ненадејно, со оглед на тоа што договорот за избори на 12 април беше постигнат меѓу лидерите на сите парламентарни партии.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваат и другите парламентарни групи да се придружат кон предлогот за распуштање на парламентот на 12 февруари, како датум на кој и спикерот Талат Џафери планираше да се одржи последната седница на овој пратенички состав.
„И покрај исполнетоста на сите услови за одржување на предвремени избори за пратеници, Заев деновиве се обидува да избега од избори, со поставување услови за носење закони кои, само од нему познати причини, претставувале услов за одржување на изборите“,
изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицковски
Деновиве лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја остави отворена можноста датумот за распуштање на Собранието да се пролонгира за неколку дена, за да се остави простор за донесување на законот за јавното обвинителство. На тоа се спротивставува спикерот Џафери, а и опозицијата смета дека треба да се остави простор од 60 дена од распишувањето на изборите до нивното одржување.
За распуштање на Собранието се потребни 61 глас, а Заев вчера порача дека нема да дозволи пратениците на СДСМ да го стиснат копчето „за“ распуштање на парламентот, без да бидат ставени на гласање законите кои се поврзани со интеграциските процеси на земјава.