Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја почне амандманската расправа по предлог-буџетот за 2024 година, откако вчера заврши општиот претрес. По завршување на амандманската расправа, предлог-буџетот треба да се најде на пленарна седница и да биде усвоен најдоцна до 31 декември
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата поднесе 250 амандмани за предлог-буџетот на 2024 година за кој денеска почнува амадманската расправа во матичната Комисија за финансирање и буџет. За ова на прес-конференција денеска информира претседателот на Комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Посочи дека од вкупно 272 поднесени амандмани, 250 се од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
„Преку амандманите сакаме да интервенираме и да поправиме нешто што сè уште може да се поправи. Во досегашната дебата колегите од СДСМ не ја прифаќаат реалноста за состојбите во Македонија. Јавниот долг е алармантно висок и на историско највисоко ниво, а економскиот раст ни е далеку под просекот наспроти земјите од регионот. Ова мора да се промени час поскоро, а тоа ви ветуваме дека ќе се случи по изборите во мај, идната година“,
рече Стојаноски.
На денешната расправа, како што кажа, ќе се разгледаат повеќе амандмани, како оние што се однесуваат на намалување на ДДВ-то за електрична енергија, огревното дрво, храната, но и намалување на акцизата за горивата.
Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја почне амандманската расправа по предлог-буџетот за 2024 година, откако вчера заврши општиот претрес. По завршување на амандманската расправа, предлог-буџетот треба да се најде на пленарна седница и да биде усвоен најдоцна до 31 декември.
Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра. Владата го карактеризира како развоен и одржлив, додека за опозицијата е нереален, неодржлив и креиран без концепт.