Од Министерството за образование, пак, порачаа дека работат на надминување на проблемите и дека тестирањето ќе продолжи и во наредните денови
Владата на СДСМ на само два дена пред и така одложениот старт на учебната година направи целосен колапс на образовниот систем. Денешното тестирање на Националната платформа на Министерството за образование за одвивање на онлајн-наставата не издржа ни 30 минути, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако во текот на тестирањето падна страницата за онлајн-настава.
Од партијата прашаа како за два дена ќе се обезбеди целосна достапност до платформата која, како што велат, се покажа дека е нефункционална.
„Ваквиот колапс предизвикува премногу конфузија кај наставниот кадар, но и кај самите родители и ученици. Откако учениците и наставниците ги добија своите насоки за работа на платформата, таа се покажа целосно нефункционална. Најпрво, учениците и наставниците не можеа да воспостават пристап до платформата, а потоа воопшто немаа можност за вклучување. Исто така, како една од главните причини поради нефункционалноста на платформата е и големата преоптовареност од корисници. Се поставува прашањето како за два дена ќе се обезбеди непрекинат пристап и целосна достапност на платформата која, како што ја најавија, има за цел да обедини 270 илјади ученици?“,
порача Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа и дека не секој ученик има услови да следи онлајн-настава, а власта наместо да најде решение, велат, си прави политички кампања.
„Иако Министерството за образование и наука претходно ги информираше родителите какви спецификации треба да имаат компјутерите со кои учениците би ја следеле наставата, кои воедно ги оптовари родителите за дополнителни близу 20 илјади денари од семејниот буџет за обезбедување на соодветен компјутер, сепак националната платформа се покажа нефункционална. И покрај проблемите со користењето на националната платформа, сепак над 40 илјади деца во државата нема да можат да следат онлајн-настава бидејќи немаат компјутер со потребните спецификации. Владата имаше цели 8 месеци да подготви издржано решение, а ние денес на само неколку дена пред стартот на учебната година имаме огромен неуспех“,
порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Министерството за образование, пак, велат дека работат на надминување на проблемите со цел до почетокот на учебната година да има функционална алатка за одржување онлајн-настава.
„Тестирањето е дел од постапката за постигнување целосна функционалност на платформата. Во тест-фазата се детектираат и надминуваат сите предизвици. Со цел да обезбедиме потполно функционална платформа до почетокот на учебната година, тестирањата продолжуваат и во наредните денови“,
порачаа од МОН.