Според опозициската партија, нема ниту вакцини за сезонски грип, а за јавното здравје се одлучува дневно-политички
Комисијата за заразни болести е меѓу највиновните за енормниот број заразени со ковид-19 во земјава, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициската партија, членовите на Комисијата, наместо како лекари, се поставиле како политичари, а епилогот е речиси 6 000 заразени со ковид од почетокот на месецот до денес.
„Комисијата, која велеше дека сѐ е под контрола, се стави во функција на извршител на Заев и Филипче. Веќе неколку дена по ред 20 отсто од вкупниот број на тестираните се позитивни на ковид, што е поразителна бројка. Околу 5 500 луѓе моментално се позитивни на коронавирусот во државата додека бројките на починати континуирано растат. СДСМ исполитизира сѐ. Исполитизирана е и Комисијата за заразни болести и менаџментот во здравството, затоа цело лето не се презема ништо во оспособување на нови болнички капацитети и затоа медицински кадар бега од Македонија“,
се наведува во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ:
Според опозициската партија, власта не ги направи потребните подготовки за претстојниот есенски бран на ковид што следува, па уште сега нема место во болниците.
„Нема ниту вакцини против сезонски грип. Власта нема никаква стратегија. За здравјето на граѓаните се одлучува со ‘ден за ден политики’. Граѓаните се жртва на аматеризмот на власта. Потребна е одговорност“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.