Отфрлањето на тужбата на шефицата на Јавното обвинителство за организиран криминал, Вилма Русковска, поднесена против ВМРО-ДПМНЕ е голем срам, смета партијата.
Тие велат дека ова за нив бил и очекуван потег.
„Отфрлањето на тужбата на Русковска против ВМРО-ДПМНЕ претставува очекуван потег но и тежок блам на главниот обвинител и извршител на Зоран Заев. Неспорен факт е дека дури ни руинираното трас-трас судство не може да го покрие самоволието на Заев“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Граѓанскиот суд Скопје ја отфрли тужбата за клевета на Русковска против ВМРО-ДПМНЕ. Полномошникот на Русковска, адвокатот Панче Ефтимов, по соопштувањето на пресудата изјави дека ќе почекаат да видат какво ќе биде образложението од судот и соодветно на тоа ќе реагираат.
Според него, тие се убедени дека се исполнети условите за одговорност за клевета, но ќе почекаат да видат како размислува судот.
Русковска ја тужеше партијата бидејќи ги користеше нејзиното име и лик во предизборната кампања за парламентарните избори во јули годинава. Таа бараше отштета од 10 000 евра, кои рече ако ги добие ќе ги донира во СОС детското село.
