„Пратеничката фотелја боде кога политичката прагма станува поважна од моралот“, порача Дурловски и најави дека ја напушта пратеничката функција
Одлуката за оставка на пратеникот Игор Дурловски е негов личен став, а тој останува верен на партијата и стратешки соработник на лидерот Христијан Мицкоски, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ откако Дурловски информираше дека ја напушта пратеничката функција.
„Тоа е личен став на Игор Дурловски кој што ние го почитуваме. Како што и Дурловски сам кажува, тој останува верен на Македонија, но и на Коалицијата За обнова на Македонија и на ВМРО- ДПМНЕ. Меѓу другото, Дурловски останува и стратешки соработник на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р. Христијан Мицкоски“,
посочи партискиот портпарол Наум Стоилковски за „360 Степени“.
Дурловски доцна попладнево на Фејсбук информираше дека се повлекува од функцијата.
„Националните интереси, правда за неправедно прогонетите и нормална држава за нашите деца беа/се мои приоритети. Пратеничката фотеља боде кога политичката прагма станува поважна од моралот. Затоа, го напуштам Собранието на Република Македонија, а на колегите од Коалицијата „За обнова на Македонија“ им посакувам истрајност, доследност, мудрост, којашто сум сигурен дека ја имаат. Тоа што го зборував не можам да го направам, но сега нема да зборувам а ќе продолжам да го правам! Останувам доследен на моите поддржувачи и нивниот глас. Нека ни е честит денот на македонската револуционерна борба“,
напиша Дурловски на Фејсбук.
Тој во законодавниот дом влезе како носител на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во петтата изборна единица, а потоа се најде на листата на независни пратеници.