Владејачката партија ја обвинува коалицијата на СДСМ, ДУИ и Таравари за морална капитулација и собирање дневнополитички поени, порачувајќи дека секој што го загрозил здравјето на граѓаните ќе сноси законски последици
Опозицијата е морално капитулирана и целосно деориентирана, се вели во сооштението испратено од ВМРО-ДПМНЕ по повод кризата со водата во Гостивар.

Според владејачката партија, настаните во овој град, кои се резултат на неажурноста и незаинтересираноста на локалната власт предводена од Валбон Лимани, јасно покажуваат дека коалицијата на СДСМ, ДУИ и Таравари воопшто не се грижи за здравјето на граѓаните и велат дека доколку градоначалникот не бил од нивните редови, опозицијата веднаш ќе организирала прес-конференции и гласно ќе барала одговорност.
„Така на пример, СДС се занимава со спинување на информации и собирање дневно-политички поени и со ширење на неточни и непрецизни информации, и се обидува и од оваа криза да извлече нешто за себе“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквото однесување, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, на површина ја извадило нивната политичка беда и целосно ја срушило фасадата дека се борат за правда, а дополнително кажаа оти надлежните институции веќе интензивно работат на случајот и детално ќе ги утврдат сите факти, потенцирајќи дека секој што има одговорност за загрозувањето на граѓаните ќе мора да сноси соодветни последици согласно законите.
