„Пред само еден час, на фејсбук-страницата на СДСМ Арачиново е објавено известување до членовите на тој огранок, со повик сите кои што се јавиле на огласот за прием на војници во АРМ да се пријават кај претседателот на огранокот и раководството на истиот“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ ,Наум Стоилковски
Министерството за одбрана, пак, во меѓувреме, ги демантира натписите во дел од медиумите во овој контекст, и информира дека процесот на пријавување и селекција за конкурсот за прием на професионални војници се спроведува согласно професионални норми и стандарди
Со реакција се јави и владејачкиот СДСМ од каде се оградуваат од објавата на Фејсбук-страницата на Општинската организација во Арачиново, посочувајќи дека се работи за злоупотреба
Партијата што ја води дезертер повикува граѓани да се вработат како професионални војници преку партиски штабови, со пријава кај партиски функционери, изјави вечерва на вонредната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Неговата изјава доаѓа откако во дел од медиумите денеска се појави информација дека СДСМ – Арачиново преку својата Фејсбук-страница ги повикувала кандидатите што аплицирале на огласот за прием на војници во Армијата „да се пријават кај претседателот на огранокот во Арачиново или кај членовите на раководството на огранокот на СДСМ – Арачиново“.
„Пред само еден час, на фејсбук страницата на СДСМ Арачиново е објавено известување до членовите на тој огранок, со повик сите кои што се јавиле на огласот за прием на војници во АРМ да се пријават кај претседателот на огранокот и раководството на истиот“,
вели Стоилковски,
Тој посочи дека ова е дебакл и срам за Армијата и срам за НАТО и ја повика министерката за одбрана Славјанка Петровка да си даде оставка оти, како што рече, ја посрамоти АРМ и НАТО.
„Но, ова е и работа која не може да помине без знаење на дезертерот Ковачевски и неговиот калфа Миле Зечевиќ. Тие се директно одговорни, бидејќи партиските претседатели одговараат директно пред нив. Дезертерот Ковачевски, калфата Зечевиќ и Славјанка Петровска директно го загрозуваат НАТО, колективната безбедност и кредибилитетот на Алијансата. Ова е срам за Владата, срам за АРМ. Потребни се оставки веднаш“,
дополни Стоилковски.
СДСМ, додава тој, ги користи партиските ограноци како центри за вработување и центри за регрутација на војска, а вработување добиваат само тие кои ќе добијат дозвола од партискиот претседател и локалното раководство на СДСМ.
Министерството за одбрана, пак, во меѓувреме ги демантира натписите во дел од медиумите во овој контекст, и информира дека процесот на пријавување и селекција за конкурсот за прием на професионални војници се спроведува согласно професионални норми и стандарди.
Министерството и Армијата, додаваат оттаму, не дозволуваат какви било партиски или друг вид на влијание.
Истовремено, Министерството ги повикува политичките партии да се воздржат од какви било притисоци или влијанија врз сегашните и идните припадници на Армијата.
„Армијата и служи на државата, а не на партиите“,
се вели во соопштението на МО во кое, меѓу другото, се повикуваат сите заинтересирани граѓани да аплицираат без разлика на верска, национална, партиска или било каква друга припадност.
Со реакција се јави и владејачкиот СДСМ од каде се оградуваат од објавата на Фејсбук-страницата на Општинската организација во Арачиново, посочувајќи дека се работи за злоупотреба.
„Станува збор за злоупотребата на страницата спротивна со вредностите и политиките на СДСМ за што ќе следи целосно расчистување на случајот и одговорност“,
посочуваат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека пријавувањето и селекциите за конкурсите за професионални војници се спроведуваат по највисоки стандарди од страна на надлежна институција која нема никаква врска со ниту една политичка партија, а оти Армијата е место единствено за професионалци.