Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува за скандалозно местење на тендер од 19 милиони евра, распишан од АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) за РЕК и за рудниците, а кој треба да го добие фирма блиска на власта.
Од ЕСМ, пак, реагираат дека партијата држи прес-конференција, а не кажува за каков тендер станува збор и посочуваат дека во прашање е набавка на сопствена механизација за РЕК Битола, па затоа прашуваат зошто се противи ВМРО-ДПМНЕ на тоа?
„Заради краткиот период за подготовка на потребните документи и поднесување на понуди компаниите барале пролонгирање на рокот за поднесување на понуди за 10-20 дена, но од страна на АД Електрани биле дозволени само дополнителни 6 дена. Понатаму, на неполни 7 дена пред крајниот рок за поднесување на понудите, АД Електрани направиле измена на тендерската документација и тоа во девет делови на постапката со кои се направени големи промени во техничките спецификации кои биле првично објавени“,
вели Ивица Томовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој обвинува и за бодувањето на понудите кое ќе се прави и вели дека од 20 дела на тендерската документација, само за првиот и вториот дел се бара моторот и хидрауликата да се од еден производител и прашува ако е битно ова зошто истиот услов не е поставен и во другите делови од тендерот каде има и мотор и хидраулика.
Симптоматично е и тоа што наместо да се бара банкарска гаранција на понудата, се бараат изјава за сериозност на истата. Она што заслужува посебно внимание е бараниот услов од компаниите да имаат овластен теренски сервис со сервисна служба и опрема во Република Македонија или истиот да го формираат во рок до испорака на опремата но не подоцна од 6 месеци од потпишување на договор. При тоа треба да се има во предвид дека никаде во Законот за јавни набавки не се пропишани вакви одредби за утврдување на техничката професионалност и способност на компаниите“, вели Томовски.
Од ЕСМ, пак, велат дека не им е јасно зошто Томовски кој е вработен кај нив држи прес-конференции против компанијата каде работи и го потсетуваат дека заборавил да каже за каква јавна набавка станува збор.
„Јавна набавка се однесува на купување сопствена помошна механизација за РЕК Битола, со која комбинатот ќе почне да ја намалува потребата од ангажирање надворешни фирми. Доколку тоа не им одговара на ВМРО ДПМНЕ би требало тоа јавно да го соопштат и исто така да кажат од кои причини не го поддржуваат опремувањето на РЕК Битола со своја механизација“,
велат од ЕСМ.
Оттаму велат дека станува збор за сериозна постапка која е започната уште пред два месеци и не им е јасно зошто дури сега опозицијата зборува за тоа.
„Набавката е на самиот крај и се очекува до крајот на месецот да се избере и најдобриот понудувач од 12 пријавени фирми, кои се светски познати во својата област и во областа на производство на механизацијата која се побарува. Технички дијалог, испитување на пазарот и сите потребни анализи за оваа набавка се направени минатата година, во рамките на веќе еднаш распишан тендер за истата намена. По него следуваше распишување јавна набавка според новиот закон, кој овозможува да се набави механизација која ќе биде квалитетна и која ќе трае долго време, односно која со години ќе го опслужува процесот на ископ на јаглен во РЕК Битола“,
велат од ЕСМ.