Огромна е разликата помеѓу Миле Зечевиќ и неодговорноста на Кирил Пецаков. Кирил Пецаков додека чекал резултати, спротивно на протоколите, беше помеѓу граѓаните на одбележувањето на празникот Водици, наместо да биде во изолација, велат од СДСМ одговарајќи на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ
СДСМ крие дека Миле Зечевиќ бил позитивен и ширел зараза во Охрид, обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ откако изминатите денови, пак, владејачката партија ја прозиваше опозицијата дека охридскиот градоначалник Кирил Пецаков шетал заразен со корона на Водици.
„СДСМ додека ја замајува и лаже јавноста за охридскиот градоначалник Кирил Пецаков, нивниот генерален секретар Миле Зечевиќ на 19 јануари во Охрид за време на Водици, без заштита, без маска ширеше корона меѓу охриѓани. Миле Зечевиќ и официјално е позитивен на корона вирусот од 20 јануари, што значи дека претходниот ден ширел корона меѓу охриѓани. Ја повикуваме директорката на Центарот за јавно да го осуди неодговорното постапување на Миле Зечевиќ. Да се оттргне од партиските канџи на СДСМ и наместо како портпаролка на власта нека постапи совесно и нека побара кривична пријава за Зечевиќ“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додека оттаму ги обвинуваат социјалдемократите дека фингираат случај против Пецаков, од СДСМ возвраќаат со исти обвинувања.
„Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ се фатени како не ги почитуваат законите и здравствените протоколи, партијата се дозакопува со нови невистини. Не е точно дека генералниот секретар Миле Зечевиќ бил позитивен на празникот Водици, ниту пак дека со симптоми учествувал на настаните тој ден. Тоа е целосна невистина од кујната на очајната ВМРО-ДПМНЕ. Огромна е разликата помеѓу Миле Зечевиќ и неодговорноста на Кирил Пецаков. Кирил Пецаков додека чекал резултати, спротивно на протоколите, беше помеѓу граѓаните на одбележувањето на празникот Водици, наместо да биде во изолација. Затоа Пецаков треба да понесе одговорност“,
велат од СДСМ.