„Јагода Митревска е новиот член на работната група за уставни измени која ја формираше Ковачевски. Таа се пофали дека учествувала во изборните кампањи на Русија, а на фотографии се гледа како гордо се фотографира пред простории и знамиња на партијата на Путин“, обвини опозициската партија
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение обвини дека еден од експертите во работната група, која ќе учествува во подготовката на уставните амандмани, е симпатизер на рускиот претседател Владимир Путин. Според партијата, се работи за Јагода Митревска – професорка на Меѓународниот Славјански Универзитет.
„Јагода Митревска е новиот член на работната група за уставни измени која ја формираше Ковачевски. Таа се пофали дека учествувала во изборните кампањи на Русија, а на фотографии се гледа како гордо се фотографира пред простории и знамиња на партијата на Путин. Таква фотографија е објавена на социјалните мрежи и истата ја испраќаме во прилог на ова соопштение“,
наведува ВМРО-ДПМНЕ во писменото соопштение.

Опозициската партија обвини дека наместо експерти, премиерот Димитар Ковачевски одлучил во експертскиот дел од работната група за уставните измени да бидат луѓе кои, како што велат, не се ниту експерти ниту имаат искуство од областа, туку имаат сомнителни политички конекции.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред три дена изјави дека очекува кривична одговорност за експертите кои се вклучени во работната група за утврдување на уставните амандмани, зашто, како што рече, нивната работа е беспредметна оти ќе земаат хонорари од граѓаните, а практично нема да сработат ништо.
Обвини дека тие се дел од семејните стебла на ДУИ и СДСМ и додаде дека од нив не очекува ништо.
Министерството за правда претходно оваа недела го објави составот на експертската група која заедно со претставници на политичките партии, со исклучок на опозицијата, ќе учествува во утврдувањето на уставните амандмани. Дел од групата се поранешни уставни судии и професори на универзитети во земјава.
Од Министерството за правда информираа дека списокот на работната група ќе се дополнува во наредниот период и со други членови кои ќе дадат свој придонес во подготовката на уставните измени.
Покрај експертите, во работната група има претставници на СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците, НСДП, ЛДП, ДОМ, Партија на пензионерите, ДПА, Партија за движење на Турците и Демократска партија на Турците.
Во групата има и членови од кабинетот на претседателот на Северна Македонија, Секретаријатот за европски прашања и Министерството за надворешни работи, а тоа се Александар Спасов, Драган Тилев и Шпенд Садики.
Опозицијата, како од македонскиот, така и од албанскиот политички блок, нема да учествува во работата за уставните измени со кои Бугарите ќе бидат внесени во Уставот, услов кој се наметна со прифаќањето на „францускиот предлог“ и стана дел од преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија.