Од Министерството за надворешни работи ги демантираат наводите на опозициската партија и велат дека не е точно оти македонскиот амбасадор изнајмува луксузна резиденција од 6 000 долари, туку стан во Вашингтон за кој месечно плаќа 3 700 долари. Ова, како што велат од МНР, е дозволен лимит за пониските ешалони на вработени во Амбасадата и воопшто не претставува луксузирање
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение обвини дека македонскиот амбасадор во САД, Зоран Попов, изнајмувал луксузно сместување во Вашингтон наместо да ја користи резиденцијата во склоп на Амбасадата каде што досега престојувале сите амбасадори.

Од партијата тврдат оти Попов, кој е новоименуван на оваа позиција, за престојот во луксузната резиденција плаќал над 6 000 долари месечно, иако, како што додаваат, зема плата од 5 000 долари.
„Попов не сакал да живее во резиденцијата, затоа што не му се допаѓало, па си избрал луксузно сместување. На оваа сума има плус режиски трошоци од 1 000 долари, кои, доколку живее во резиденцијата во наша сопственост, нема да ги има или ќе бидат минимални. Платата му е 5 000 долари, а си зел стан од преку 6 000 долари. Со што ги заслужи овие луксузирања Зоран Попов? Што сработи во изминатиот период?“,
се наведува во соопштението на опозициската партија.
За ваквото однесување на амбасадорот во Вашингтон, ВМРО-ДПМНЕ го повика Министерството за надворешни работи (МНР) да побара одговорност, зашто, како што велат, недозволиво е некој непотребно да троши народни пари во Вашингтон во време кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај.
Обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, пак, МНР целосно ги демантираше.
Од Министерството велат дека не е точно оти македонскиот амбасадор изнајмува луксузна резиденција од 6 000 долари, туку стан во Вашингтон за кој месечно плаќа 3 700 долари. Ова, како што нагласуваат од МНР, е дозволен лимит за пониските ешалони на вработени во Амбасадата и споредено со цените на наемнините во Вашингтон воопшто не претставува луксузирање.
„Во делот за живеење во Амбасадата на земјава во САД, кој се спомнува во објавата, сѐ уште живее досегашната вршителка на работите во Амбасадата, која и по доаѓањето на амбасадорот Попов продолжува со своите работни активности во Амбасадата како дел од дипломатскиот персонал“,
се вели во демантот на МНР.
Инаку, со назначувањето на Зоран Попов на амбасадорската позиција во САД се пополни едно од најважните амбасадорски места за нашата дипломатија кое беше празно четири и пол години. Последен македонски амбасадор во Вашингтон беше Васко Наумовски во периодот од 2014 до 2018 година.
Пред да биде назначен за амбасадор, Попов беше државен секретар во Министерството за надворешни работи.