Според опозициската партија, постојат основани сомненија дека обвиненијата за кои се товарат двајцата ексгенерални секретари на Владата, Мухамед Зеќири и Драги Рашковски, биле иницирани и спроведувани од нивниот претпоставен или претпоставени
Нејасно е како поранешниот секретар на Владата Мухамед Зеќири може да биде обвинет за штета на буџетот од 1,5 милион евра, неговиот претходник Драги Рашковски да биде обвинет за перење пари и незаконски набавки, а премиерите да бидат чисти.
Ова се наведува во реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако денеска ексгенералниот секретар на Владата Мухамед Зеќири доби обвинение за два договори што ги склучил додека бил на функцијата за кои во обвинението се тврди дека се направени спротивно на Законот за јавни набавки, а со кои е оштетен државниот буџет за речиси 1,5 милион евра.
„Обвинението за поранешниот секретар на влада Мухамед Зеќири покажува две работи, едната е дека владите на СДСМ се инкубатор за криминал, а втората е дека правосудните органи ги гонат селективно само спроведувачите, а не организаторите на криминалот“,
посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициската партија, постојат основани сомненија дека обвиненијата за кои се товарат двата ексгенерални секретари на Владата, Зеќири и Рашковски, биле иницирани и спроведувани од нивниот претпоставен или претпоставени.
„Ете затоа народот има недоверба кон правосудството од 92 отсто. Правосудните органи ја штитат главата на криминалот, а само кога не може да замижат пред очигледните докази за криминал, ги гонат пониските ешалони. И во таквите случаи поситните риби поминуваат со најмали можни казни“,
се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно денеска, поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири доби обвинение за два договори што ги склучил додека бил на функцијата. Во обвинението се тврди дека тие се направени спротивно на Законот за јавни набавки и дека со нив е оштетен државниот буџет за вкупно 89 385 255 денари (околу 1 453 418 евра).
Зеќири на функцијата генерален секретар беше назначен во ноември 2020 година, а дојде на местото на Драги Рашковски, против кого веќе се води судски процес за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари во случајот со набавката на софтвери за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација.