Генералниот секретар на партијата и пратеник во Собранието, најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе бара надзорна расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет за поскапување на струјата, на која расправа ќе побараат поништување на одлуката за повисока цена и оставка на Регулаторната комисија за енергетика
ВМРО-ДПМНЕ по трет пат попладнево излезе на протест против поскапувањето на струјата. Со автомобили опозициската партија од паркингот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, по булеварот „Партизански одреди“, дојдоа пред просториите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

И на овој протест беа присутни поголемиот дел до раководството на партијата, како предводено од претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателите Владо Мисајловски и Александар Николоски и генералниот секретар Игор Јанушев.
Во агендата за овој протест, немаше обраќања на говорниците, но Јанушев со уште две женски лица на вратите на РКЕ залепија транспарент на кој пишуваше „Оставка“.

Во изјава за медиумите, тој порача дека го креваат гласот против посакувањето на струјата кое носи осиромашување на граѓаните, а Македонија е единствена земја која во услови на здравствена и економска криза ја подигнала цената на електричната енергија за 7,4 проценти.

„Исто како и Владата така се однесува и РКЕ и избегнува да им одговори на ВМРО-ДПМНЕ и на граѓаните. Комисијата е обична марша во рацете на Заев, тоа што тој го бара тие само слепо го спроведуваат а целта е да се покрие расипништво работење во енергетскиот сектор. ВМРО-ДПМНЕ ќе побара надзорна расправа во Комисијата за финансирање и буџет за посакување на цената на струјата. Ќе побараме да се разгледа начинот на работа на РКЕ и на кој начин се носат ваквите штетни одлуки“,
изјави Јанушев.
На комисиската расправа во Собранието, рече тој, ќе побараат поништување на одлуката за поскапувањето, како и оставки од членовите на Регулаторна.

Ова е трет протест за поскапувањето на струјата за период од околу една недела. На 9 септември опозициската партијата организираше протестен марш кој започна од пред Министерството за правда, а заврши пред просториите на Регулаторна. Тогаш Мицкоски настапи со три барања: враќање на старата цена на струјата, викенд без ДДВ и професионален состав на Регулаторната комисија. Два дена подоцна (на 11 септември), пак, со автомобили и пеш на еден час ВМРО-ДПМНЕ го блокираше сообраќајот во центарот на Скопје односно улиците кои водат кон просториите на РКЕ.
Вчера, опозицијата имаше уште еден протест, но тој, како што го нарекоа, беше „За ЕУ, за Гоце Делчев и за Македонија“. Тој протест започна пред Министерството за правда, а заврши пред Министерството за надворешни работи каде толпата стигна движејќи се преку мостот „Гоце Делчев“.