На средба со министерската тројка Шаленберг, Липавски и Влаховски, претставници од ВМРО-ДПМНЕ предводени од лидерот Христијан Мицкоски порачале дека уставни измени под бугарски диктат нема да поддржат. Како што соопштија од партијата, тие го повториле ставот дека земјата треба суштински да се фокусира на реформи.
„Во врска со намерата на власта, без вклучување на опозицијата во ниеден дел од преговорите, да протурка низ Собранието уставни промени под ултиматум од бугарска страна, претставниците едногласно го повторија заедничкиот став дека уставни измени под диктат нема да бидат поддржани и дека државата итно треба да се фокусира на завршување на вистински реформи на системот кои ќе значат вистинска европеизација. Ставот на Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија останува дека европеизацијата на Македонија не смее да значи откажување од основните идентитетски одредници на македонскиот народ, вклучување на билатерални историски прашања во преговори со ЕУ и поигрување со националните чувства на македонскиот народ“
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

На средбата зборувале и за корупцијата во земјава, каде од ВМРО-ДПМНЕ потенцирале дека пречка на патот на Македонија кон ЕУ, повеќе и од Бугарија, е корупцијата во највисоките ешалони на власта, невладеењето на правото и злоупотребата на институциите.
„Беше подвлечена злоупотребата на европското знаменце во Собранието на РМ, каде се прави обид закони за игри на среќа и закони на штета на македонските граѓани да се поставуваат во скратена процедура за да се избегне дебата и одговорност пред граѓаните. Понатаму, претставниците ја подвлекоа конструктивната улога која Македонија ја играла во регионот сите изминати години, во сите кризи на Балканот“
велат од ВМРО-ДПМНЕ по средбата со тројцата министри од ЕУ.
