Зоран Заев вечерва покажа дека нема што ново да понуди, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по одлуките на вечерашниот Централен одбор на СДСМ.
„Вечерва само покажа дека наредниов период СДСМ ќе продолжи по истиот пат, по патот на криминалот, корупцијата и рекетот со истите транзициски кадри. Луѓето кои ја презадолжија државата и овозможија милионски профит за фирмите на Заеви, луѓето кои оставија илјадници на улица, пропаднаа банки и спроведоа масовен грабеж, не можат да бидат иднината на Македонија“,
велат од партијата на Христијан Мицкоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека предложените кадри за идната Влада се неуспешни и само ќе ја водат државата назад.
„Заев само ќе го засили криминалот. Спасовски кој е најнеуспешен министер во МВР повторно ќе раководи со ова министерство, исто и Шекеринска и Филипче, тоа се луѓето кои не можат да ја водат државата напред, само назад. Бочварски, кој делеше тендери на татко му додека беше градоначалник, сега ќе има можност тоа да го прави преку министерството за транспорт. Шахпаска ќе си ги довработи роднините, Маричиќ ќе го разграни кланот во судството. Артан Груби и Бујар Османи, кои ја нарекуваа СДСМ тендерашка партија и велеа дека нема да му простат на Заев за навредите кон ДУИ, повторно наведнаа глава и седнаа мирно“,
соопштија од партијата.
Посочуваат дека „Македонија доби Влада која e интересна заедница на две партии, односно двајца луѓе и желбата за профит на малкумина“.