Од партијата велат дека проблемот е од СДСМ и оти тие можат и да го решат – „прво со раскинување на договорот за набавка на гориво за автобусите на ЈСП, а потоа со барање за оставка на градоначаничката на Скопје, Данела Арсовска“
Премиерот, Димитар Ковачевски може да го реши проблемот со приватните превозници затоа што негов кадар го предизвика, се вели во реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на премиерот, на која одговарајќи на новинарски прашања искажа став и на оваа тема.

„Ковачевски да не бега од одговорност. Тој преку (Данела) Арсовска си го постави неговиот партиски кадар Александар Стојковски за директор на ЈСП, а тој потоа го потпиша договорот за набавка на гориво од 27 милиони евра без рабат. Претпријатието на тој начин е оштетено за 1,5 милиони евра, точно колку што ЈСП и им должи на приватните превозници“,
стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека проблемот е од СДСМ и оти тие можат и да го решат – прво со раскинување на договорот за набавка на гориво, а потоа со барање за оставка на градоначаничката на Скопје, Данела Арсовска.
Договорот за набавка на дизел гориво за автобусите на ЈСП, за кој обвинуваат од опозицијата е склучен на 25 октомври годинава со „Пуцко петрол“ и во него не е вклучен рабат или намалување на цената по литар гориво како во претходниот договор од 2020 година кога „Пуцко петрол“ се согласил за секој литар дизел доставен до ЈСП Скопје да засметува 4,8 денари попуст.
Градоначалничката на Скопје, Арсовска во емисијата „360 степени“ во петокот, минатата недела, меѓудругото беше прашана и за ова. Таа одговори дека во 2020 година имало повеќе понудувачи кои се натпреварувале и кои можеле да понудат различен рабат.
Инаку премиерот на денешната прес-конференција коментирајќи ги најавите на приватните автобуски превозници дека ќе ги радикализираат протестите во главниот град доколку не ја остварат бараната средба со него, изјави дека тој одбива да држи состаноци под уцени и под притисоци.
За средбата да се оствари, тој постави неколку услови.
Прво, како што рече Ковачевски, приватните превозници треба да ги ослободат улиците и да им ги вратат на граѓаните на Градот Скопје. Второ, додаде премиерот, на тој состанок мора да бидат присутни и надлежните органи од Градот Скопје за да им се укаже дека Владата нема никаква надлежност во однос на градскиот автобуски превоз во главниот град.
„Трето, се работи за должничко-доверителски односи помеѓу приватни компании и јавно претпријатие во надлежност на Град Скопје и сите тие претпоставки мора да се имаат предвид“,
додаде Ковачевски.
Откако не добија одговор од градските власти за средба со градоначалничката на Скопје, приватните автобуски превозници кои сè уште протестираат со блокада на булеварот „Илинден“, вчера побараа да бидат примени на средба со премиерот Димитар Ковачевски.
Доколку не ја остварат средбата со премиерот, најавија радикализација на протестите.
Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември кога со околу 30 автобуси на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.
Откако немаше исход, приватните превозници на 5 декември оваа година со околу 200 автобуси поставија блокади на неколку главни точки во Скопје, односно на крстосниците пред ТЦ „Мавровка“, Црвен Крст, како и булеварот „Илинден“.
Во петокот ги одблокираа крстосниците кај „Мавровка“и Црвениот крст и останаа да протестираат само на булевар „Илинден“, непосредно околу просториите на Град Скопје.