Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска преку соопштение побара министерот за здравство Венко Филипче да си поднесе оставка. Колку побрзо си поднесе оставка, велат, толку повеќе животи ќе се спасат.
Тие го обвинуваат министерот затоа што нема место во клиниките, а ги нема, според нив, ниту најавените 16 монтажни болници.
„Истите беа бомбастично најавувани во првата половина на јули или уште пред одржување на изборите на 15 јули. По се изгледа најавата служеше за изборни цели. Освен што почнува да снемува место по клиниките, од здравствените установи почна да заминува и медицинскиот кадар“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на капацитетите на болници, министерот Филипче вчера за „360 степени“ потврди дека на инфективната клиника во Скопје повеќе нема место и од синоќа е во употреба модуларната болница. Сепак, во неговата изјава тој порача дека нема потреба од паника и системот може да се справи со состојбата.
„Нема потреба од паника, здравствениот систем е подготвен да се справи со состојбата, но треба да се почитуваат мерките и препораките. Помошта од граѓаните ни е неопходна и затоа уште еднаш апелирам на одговорно однесување од сите“,
порача Филипче.